Владата бара Собранието да даде автентично толкување на членот 11а од Законот за помилување

Во рацете на Собранието е еднаш за секогаш да го затвори ова прашање и да оневозможи оживување на незаконските помилувања на Иванов, рече министерката за правда.

Владата бара Собранието да даде автентично толкување на членот 11а од Законот за помилување. Причината, како што денеска објасни министерката за правда, е да се спречат обидите за избегнување на правдата и неказнивост за сериозни кривични дела.

„Тие обиди се движат од постојано одложување на судските постапки со цел да се опструира носењето на судски одлуки, до иницирање постапки пред Уставниот суд за укинување на членови од Кривичниот законик, а сега и од Законот за помилување. Целта на сите овие манипулативни обиди е постигнување на неказнивост за кривичните дела кои беа предмет на Специјалното јавно обвинителство, а кои сега ги продолжи редовното обвинителство“, истакна министерката за правда, Рената Дескоска.

Таа додаде дека Собранието треба да го реши прашањето со помилувањата.

„Во рацете на Собранието е еднаш за секогаш да го затвори ова прашање и да оневозможи оживување на незаконските помилувања на Иванов. Министерството за правда ќе поднесе иницијатива до Владата да побара автентично толкување од Собранието“, рече Дескоска.

Повикот на Дескоска следи откако Уставниот суд реши да поведе постапка за оценка на уставноста на членот 11а од законот за помилување што, според неа, претставува опасност за иднината на постапките кои се водат за и врз основа на прислушуваните материјали. Владата сака преку автентично толкување Собранието да потврди дека членот 11 на кој Ѓорѓе Иванов ги засноваше масовните помилувања не постои.

И шефот на државата апелираше за, како што рече, дел од уставните судии да се разбудат на време.

„Тие треба да разберат дека во оваа земја Никола Груевски веќе не е господар на нашите животи“, порача Пендаровски.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top