ВЛАДАТА ЈА ДОНЕСЕ ОДЛУКАТА ЗА ЗГОЛЕМЕНА ЦЕНА НА ДИЗЕЛОТ ЗА 3,5 ДЕНАРИ

Владата синоќа го усвои предлогот за зголемување на висината на акцизата за дизел, како што пред две недели најави министерот за финансии Драган Тевдовски, соопшти владината служба за информирање..

Со измената на Законот за акцизи се предлага зголемување на висината на акцизата на гасно масло (дизел гориво) кое се користи како погонско гориво и на гасното масло што се користи како гориво за греење, за 3 денари.

Ќе се зголеми акцизата за нафта за 3 денари по литар, односно цената на дизел горивото со ДДВ за 3,5 денари.

Зголемување на акцизата за нафта е предвидено со предлог буџетот за 2018 година, за кој што во тек е јавна расправа. Драган Тевдовски, министер за финансии, на 2 ноември при претставувањето на буџетот пред да го пушти на јавна расправа кажа дека акцизата на нафтата, поточно на дизелот, се зголемува согласно препораките на Европската Унија, да се дестимулира употребата на дизел горивата за да се намали загaдувањето на животната средина.

„Препораките од ЕУ се дека овие акцизи треба да бидат 0,33 евроценти, а кај нас сега е 0,20 евроценти. Со зголемувањето ќе биде 0,26 евроценти”, рече Тевдовски на почетокот на јавната расправа за буџетот за 2018.

Со ова зголемување на акцизата за нафта да се зголеми приходот во буџетот за 1,6 милијарди денари, а од ДДВ од продажба на дизелот приходот да се зголеми за 350 милиони денари.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top