Владата ќе набавува по 2.000 маски дневно додека трае вонредната состојба

Уредбата за интервентна набавка на заштитни маски од домашни производители е донесена денеска. Една маска би била набавувана по цена од 25 до 40 денари, во зависност од тоа дали материјалот ќе го обезбеди производителот или владата.

Одлука за интервентна набавка на заштитни маски од домашни производители донесе владата на денешната седница. Со уредбата што е донесена за оваа цел е предвидена набавка на минимум по 2.000 маски дневно, во периодот на траење на вонредната состојба, што засега би значело до 13 април.  

Како што е предвидено со Уредбата, предмет на набавката ќе биде производство, пакување и дистрибуција на маските до институции кои имаат потреба за тоа. Условите, пак, што треба да ги исполнат економските оператори се: испорака на минимум 2.000 маски дневно, при што една маска би чинела 40 денари, доколку материјалот за изработка го обезбеди економскиот оператор; ако, пак, материјалот го обезбеди владата, тогаш единечната цена по маска би била 25 денари.

Материјалот што ќе го обезбедува владата, како што стои во Уредбата, ќе биде доделен на еден економски оператор кој ги исполнува условите. Доколку се јават повеќе економски оператори ќе се спроведува јавно наддавање, а договор ќе се склучи со тој кој ќе понуди најниска единечна цена.

Јавниот повик за набавка на заштитни маски ќе трае 24 часа од моментот на неговото објавување.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top