Владата на Ципрас доби доверба во грчкиот Парламент

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас и лидерот на oпозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, денес повторно се судрија во парламентот, пред гласањето за доверба на владата, пренесува „Катимерини“..

Како што беше очекувано, владата доби доверба со 153 пратенички гласа, додека 136 пратеници гласаа против.

Во неговиот говор пред гласањето, Ципрас тврдеше дека и покрај тоа што го критикува, Мицотакис всушност се согласува со сите социјални придобивки кои претходно оваа недела ги најавил, а потоа ја осуди и економската програма на конзервативниот лидер на Нова демократија и ја опиша како „елитистичка“.

Во меѓувреме, Мицотакис, чија партија има предност пред СИРИЗА на Ципрас според анкетите, рече дека тој треба да повика на предвремени парламентарни избори ако изгуби на Европските избори кои се закажани за крајот на овој месец.

– На Европските избори ќе се гласа против на политиките на најлошата влада на Грција уште од времето на повторното воспоставување на демократијата во земјата- рече Мицотакис.

И двајцата лидери не се сметаа за одговорни за жестоката и според медиумите, невкусна дебата, во средата во Парламентот.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top