Власта тврди дека го има под контрола коронавирусот, а Македонија е на врвот со смртни случаи

Додека власта упорно тврди дека е Ковид 19 е целосно ставен под контрола и систем за справување со кризата одлично функционира, Македонија никако да се тргне од високата позиција на листата според број на смртни случаи од коронавирусот..

Од денеска веќе е укинат и полицискиот час, а од четврток угостителските објекти се подготвуваат за отворање. А, само пред неколку денови, Комисијата за заразни болести имаше предлог граѓаните да бидат во карантин од саботата до вторник. Политичарите ставајќи се над науката, одлучија да го „скратат“ карантинот, а веднаш потоа одлучија дека веќе не треба да има полициски час.

Д-р Никола Пановски, синоќа во отвореното студио на ТВ 24 истакна дека укинувањето на полициски час на цела територија е признавање на пораз и смета дека треба да се преземат мерки во Сарај, Чаир и Аеродром каде има жаришта.

– За мене е неочекувано од медицински аспект и не гледам зошто сега би се олабавиле мерките кога бројот на активни случаи расте, друго е да паѓаат ,така што меркиве немаат оправдание од тој аспект.  Сметав дека и порано требаше да се донесе скратување на полицискиот час со зголемување на денот од 21 или 22 часот да биде. Границите не знам за кого би се отвориле, први јуни е многу рано и никој нема да не прими на 1 јуни да одиме. Мене ме плаши зошто е потребно сега одеднаш да се укине полицискиот час – рече Пановски.

Статистиката за справањето со Ковид 19, за што власта вели дека е успешно, е следна:

Во регионот Македонија убедливо е на врвот според број на смртни случаи од коронавирус на 1 милион жители.

Покрај Романија, која има 63 случаи, Македонија е со 56, Словенија има 52, Унгарија 52, БиХ 45, Србија 27, Хрватска 25, Бугарија 19, Косово 17, Грција 17, Црна Гора 14 , Албанија 11.

И според бројот на заразени, Македонија е втора на листата, после Србија, но Србија има далеку повеќе направено тестови за коронавирусот од нас. Најмалку заразени во реегионот има во Грција

Македонија останува на дното според број на спроведени тестови, а после нас се само Бугарија и Албанија. Словенија е на врвот според направено тестирање, потоа доаѓа Србија, Романија, БиХ, Унгарија, Црна Гора, Хрватска, Грција.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top