Влатко Стефановски одржа спектакуларен концерт во Античкиот театар во Охрид

Најпознатиот македонски гитарист Влатко Стефановски на 1 август одржа спектакуларен концерт во Античкиот театар во Охрид..

Нашиот гитарски виртуоз настапи со гостите и негови пријатели Теодосиј Спасов од Бугарија, хармоникашот Танос Ставридис од Грција, Биља Крстиќ од Србија, Весна Гиновска Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија.

Посетителите имаа прилика да го слушнат неговиот последен проект, албумот „Мајчин јазик“ – негов прв соло акустичен албум кој содржи инструментални верзии на македонски народни песни. Станува збор за 35-тиот албум во неговата кариера, а на него, помеѓу другите, се поместени песните: „Зошто си ме мајко родила“ (посветена на Есма и Стево Теодосиевски), „Огреала месечина“, „Успаванка за Радмилу М“ – композиција за истоимениот албум на „Бијело дугме“ за која Влатко вели дека настанала во Скопје како минујатура за две гитари, Касапско оро и 13-осминското Пелистерско оро.

Влатко за овој концерт изјави дека е кулминација на сите негови трагања, и музички и просторни, а за Охрид дека е место полно со магија, дух, уметност, неверојатна природа и претставува секогаш голема инспирација и возбуда за него.

На концертот пред бројната публика која со Влатко го сподели ова волшебно музичко патување, присуствуваше и првата жена премиер на Словенија Аленка Братушек.

Концертот беше поддржан од Македонски Телеком, кој воедно е покровител и на целата манифестација „Охридско лето”.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top