Влегуваме во Балканска, наместо во Европска Унија?!

Влез во Европската или пак Балканска Унија за развој на економијата и стабилизирање на политичките односи во регионот? Се чини Македонија, Албанија и Србија играат на двете карти..

Ако повторно се пролонгира влезот во Европа, да формираат таканаречен „Мал шанген“ на Балканот. Откако вчера во Нови Сад помпезно беше најавено дека првиот чекор, односно потпишувањето на Декларацијата за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал во Западен Балкан води кон укинување на граничните контроли, влез и излез само со лична карта, повеќе инвестиции, побрза заедничка реакција при природни катастрофи и друго, дел од бизнисмените се изјаснија против. Велат идејата, во најмала рака е чудна. Бараат наместо „Мал шенген“, реформи за влез во ЕУ. За претседателката на Сојузот на стопански комори, ова е нова изолација во микро регион, Македонија ќе има пристап до затворен систем од само 3 држави наместо ЕУ интеграција..

„Како да не ни беше доволно тоа што сме сегрегирани во гетото Западен Балкан, сега во уште помал формат ќе се изолираме во „мал шенген“, со некаква илузија дека така економски ќе процветаме. По ретрограден став од овој одамна не е понуден, „мал шенген“е идеја која треба да згасне уште пред да се роди. Зошто би правеле вакви микро економски сојузи кога целта треба да ни е да ги спроведеме структурните економски реформи потребни да станеме дел од единствениот економски пазар, а не вечно да чекаме пред вратите на ЕУ како диво месо отцепено од интеграциите со утеха дека сме дел од некаков “мал шенген”. Не, благодариме“ – вели Данела Арсовска, претседател на ССК.

За регионалните аналитичари, „мал шенген“ е можеби добра идеја за економски развој, но политиката, односно затегнатите односи меѓу Белград од една и Скопје и Тирана од друга страна ќе го направат договорот на хартија тешко спроведлив во пракса.

„Ќе биде тешко да се спроведе таква спогодба, пред сѐ поради нерешеното прашање со Косово. Од една страна, границата помеѓу Албанија и Косово речиси и да не постои, а од друга страна – не знаеме каков би бил статусот на Косово во таа евентуална спогодба. Дали Косово е јужна српска покраина, што е официјален став на Белград, или е независна држава. Значи, со кого ќе се потпишува тогаш спогодбата, односно како таа воопшто ќе функционира“ – Милан Чулибрк, економски аналитичар од Србија.

Аналитичарите и бизнисмените прашуваат, зошто лидерите се одлучиле за „мал шенген“, кога веќе постоечкиот ЦЕФТА договор функционира со бројни тешкотии. Трговските тензии на Македонија со околните држави се честа појава, особено во летниот период. Во неколку наврати, земјава забрануваше увоз на разни продукти, а Косово и Србија го ограничуваа увозот на домати, пиперки и други земјоделски производи од Македонија. Ваквата пракса во регионот често завршуваше со поплаки за прекршување на обврските од ЦЕФТА договорот.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top