ВМРО ДПМНЕ бара помали казни за „злоупотреба на службената положба“

Измените на Кривичниот Законик со кои би се овозможило дел од поранешните функционери на ВМРО ДПМНЕ да избегнат кривична одговорност е неприфатливо за власта..

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска од Приштина порача  дека „во вакви моменти, не смееме да мислиме на својата партија и политичка кариера и еден историски процес, како што е референдумот, да биде условуван со кршење на принципот на одговорност“.

„Мислам дека е страшно ако кој било политички фактор во Македонија се плаши од волјата на граѓаните, а референдумот е соочување со волјата на граѓаните. Мислам дека е уште пострашно ако соочувањето со волјата на граѓаните го поткопуваме со важни принципи. Македонија се разбуди од еден кошмар на неказнивост и принципот на одговорност е поважен дури и од овој. Не може ваков историски процес да биде условен со кршење на принципот на одговорност“, рече Димитров.

Неофицијално, ВМРО ДПМНЕ бара измени на Кривичниот законик во членот 353 за намалување на казните за  „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според партиските експерти на опозицијата, овој член од Законот „прешироко го дефинира поимот службено лице и овозможува и одговорни лица во политичките партии да се сметаат како службени лица, иако политичките партии не се државни органи“.

Исто така, сметаат  дека не е прецизирано за колку „висока имотна штета се предвидени повисоки казни“.

Измени се предлагаат и во членот 165-а кој се однесува на„ злоупотреба на средства за финансирање на изборни кампањи“, а во кој се предвидува и конфискација на незаконски обезбедените средства.

Барањата за измени во Кривичниот законик, ВМРО ДПМНЕ ги доставила во вторникот, кога во посета на Македонија беше еврокомесарот Хан, а Владата поднесе до Собранието измени на Изборниот закон, со кој предложи избор на ДИК со 61 глас.

Намалувањето на казните кои сега 5 години затвор, во власта се толкува како начин за побрзо застарување на делата, па дел од оние кои СЈО ги води, а се сторени од 2011 до 2015 година, тоа би значело дека би можеле да застарат до крајот на  годинава. Доколку бидат прифатени измените, околу 11 случаи на СЈО можат да завршат како застарени пред за нив воопшто да има пресуда.

Во најголем број од случаите на СЈО, обвинетите се осомничени и се судат токму за „злоупотреба на службената положба“. Со измените на Кривичниот законик, екс функционерите би биле заштитени и  од нови истраги, како што е на пример случајот „Талир“ за кој СЈО се уште води истрага, а во кој се осомничени 11 лица од поранешното раководство на партијата за незаконско финансирање на партијата и незаконско купување на седиштето на партијата.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека „апсолутно е неточно дека ВМРО ДПМНЕ бара и преговара за амнестија. ВМРО-ДПМНЕ единствено за што се залага е подобрување на законските решенија и применување на европските пракси“, велат од опозицијата.

Премиерот Заев по вчерашната лидерска средба изјави дека „компромиси нема за стратешките цели на РМ НАТО и ЕУ. Амнестија директна или индиректна нема“ , а претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека „не се разговарало за амнестија и дека не треба да се дозволи да се манипулира со јавноста“.

Заев и Мицкоски се согласија дека ќе дадат уште една шанса на дијалогот и ќе повтоно ќе разговраат во недела навечер или во понеделник наутро. Оваа средба се најавува како последен обид за компромис меѓу власта и опозицијата пред истекот на последниот рок за распишување на референдумот.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top