ВМРО ДПМНЕ бараа да не работат утре, Џафери им врати - вие сте виновни

Собранието утре во 11 часот ќе ја продолжи маратонската расправа за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски..

На барањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во недела да не работат, претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека токму тие со бројните реплики на нивните говорници ја поставиле динамиката на работа.

–  Како да дојдеме до следни точки од дневниот ред додека не ја исцрпиме оваа седница? Нема поинаков начин како да ја водам седницата, рече Џафери.

И денешното деветто продолжение мина по истиот терк – пратениците од ВМРО-ДПМНЕ укажуваа дека со точката за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски СДСМ троши време за тема која епилог законски може да има во ноември, наместо да дебатираат за актуелни проблеми како што се пожарите, депонијата во Струга или за законот за јазици.

Тие се повикуваа на член 8а во Изборниот законик, кој утврдува дека од распишување до одржување на изборите нема можност за назначување нов обвинител и дека целта на СДСМ е да го направи правосудниот систем своја партиска испостава.

Томислав Тунтев од СДСМ нагласи дека членот од Изборниот законик на кој се повикуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се однесува на Зврлевски зашто на седницата не се разговара за престанок на работен однос или за вработување, туку за престанок на мандат на функцијата државен јавен обвинител.

– Тој си останува на работното место како јавен обвинител. Ја замајувате јавноста и манипулирате со денови. Овој член 8а  не може да се примени на овој случај за кој дебатираме. Чинот на разрешување на Марко Зврлевски е сосема во склад и со законот, и со Уставот. Проблемот е во тоа што во секоја реплика и контрареплика кои пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сами на себе си ги даваат  е што збор не кажуваат за Зврлевски. Зборуваат  за законот за јазици, за договорот со Бугарија, за стратегијата за бегалци која е во нацрт-фаза и за која ќе се води расправа, манипулирајќи ја јавноста дека се тоа готови работи и против Уставот. Ништо во тие документи не е спротивно ниту на Уставот, ниту на кој било закон, рече Тунтев, апелирајќи до пратениците да се согласат да се разреши Марко Зврлевски и да почне постапка за избор на нов државен јавен обвинител.

Според Илија Димовски, седницата за Зврлевски е ПР-стратегија на СДСМ да се зборува за други работи а не за суштински и, како што рече, за СДСМ да ги покрие своите големи крахови, како што е националната стратегија за мигранти и законот за јазици.

Опозициските пратеници обвинија дека во 70 дена на власт реформите што ги практикува Владата се партиски вработувања, задолжувања, скратувања на ставки во буџетот и спроведување антидржавна политика.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top