ВМРО-ДПМНЕ: Павле Богоевски да направи тест за дроги и да докаже дека не е зависник

Павле Богоевски нема веќе никаков кредибилитет да биде пратеник и да ги лаже граѓаните со некакви пријави, велат од ВМРО-ДПМНЕ..

„Постојат отворени сомневања дека Богоевски зема наркотици и дека е можно неговите изјави, настапи и одлуки да биле под дејство на опијати. Павле Богоевски треба да излезе и да каже дали е зависник од дрога или не е. Единствен начин да го докаже спротивното е своеволно да направи тест за дроги и да ја увери јавноста дека е вистина тоа што го зборува. Доколку Богоевски одбие или не го направи тестот за дроги, тоа ќе биде јасен показател дека е зависник од дрога“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, неговиот одговор дека барал масло од канабис, дури и да е вистинит, повторно значи дека Павле Богоевски сторил кривично дело.

„И да се работи за тешка дрога и да се работи за канабис, земањето и трговијата со тоа е кривично дело и по однос на случајот Јавното обвинителство треба да поднесе кривична  пријава за Богоевски. Признанието на Богоевски е како крадец да се брани дека не украл пари во продавница, туку дека украл некој автомобил. И едното и другото се кривично дело и ниту едното ниту другото го амнестира од вина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата очекуваат, Зоран Заев, како што велат, по директното признание од страна на Павле Богоевски дека извршил кривично дело, да побара негова оставка, но и од Богоевски да покаже морална и политичка доблест и да даде директна оставка од функцијата пратеник.

Богоевски потврди дека снимката е автентична, но дека не набавува кокаин, туку масло од канабис.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top