ВМРО-ДПМНЕ: Повисоки плати за 25 и пензии за 20 отсто

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на најмалку 25 отсто повисока просечна плата во еден мандат, порача вечерва лидерот на партијата Христијан Мицкоски..

„Се обврзавме и на најмалку 20 отсто повисоки пензии за пензионерите во еден мандат и враќање на старото законско решение“,рече Мицкоски.

Tој ја обвини власта дека дала лажни ветувања за поголеми плати и пензии, а имала доволно време да го реализира ветеното.

„На нив им требаа три и пол години за од 22.500 да ја покачат на 25.000 денари, а сега дрско лажат дека таа ќе изнесува 36.000 денари, иако народот не ги дочека ниту оние 30.000 денари. Овие луѓе не само што не веруваат во тоа што го зборуваат, туку веќе и се губат набројувајќи невистини. Зборуваат нелогични и работи кои се надвор од здравиот разум. Многу е важно на 15-ти јули да излеземе масовно, да заокружиме број 14. Да го заокружиме името на маестро Игор Дурловски. Потребна ни е голема победа, за да немаме пост изборни гимнастики и уценувања“, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата рече и дека се обврзува за шест месеци да спроведе правда во државата.

„Без разлика дали е политичар, определен или неопределен, ВМРО или СДСМ, ДУИ, Алијанса или било кој друг. Ако некој ги погазил законите во државата, за тоа ќе одговара. Правда ќе има од Гевгелија до Тетово, од Дебар до Делчево. Правда ќе има низ целата Македонија“, рече Мицкоски.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top