ВМРО-ДПМНЕ: Прво закон за финансирање на партиите и закон за Влада, па ДИК

Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Формирањето на ДИК не може да се гледа издвоено од пакетот договорен од март, кога власта и опозицијата договорија да се изгласат реформските закони кои ВМРО-ДПМНЕ ги изработи, се врати во Собранието и тие беа изгласани. Следуваа двата други закони, за финансирање и за влада, за регулирање за формирање техничка влада. Тоа не се случува, а дури потоа на ред е ДИК. Законот за ДИК истече, важеше до 29 јуни, а истече заради СДСМ. Потребно е ново законско решение, ВМРО-ДПМНЕ не го кочи изборот на новиот состав на Државната изборна комисија, бидејќи  роковите се истечени“, вели  Стоилковски.

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред неколку денови изјави дека роковите за избор се поминати и потребно е друго законско решение и ново изгласување, за да може да се формира ДИК.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски е претседател на собраниската Комисија за избори и именувања и се очекува наредната недела да закаже седница.

Огласот за нов состав на ДИК заврши пред две недели, а се пријавија 41 кандидат.

Рокот до кога треба Собранието да го избере новиот состав на ДИК е 17 јули, со мандат од шест месеци. ДИК треба да го спроведе референдумот за името, кој е најавен за септември/октомври.

Дел од пратениците во Собранието велат дека во позиција на власт, на СДСМ сега не им одговара закон за финансирање на партиите.

Со бараните измени во законот за финансирање на партиите е предвидено да се зголемат парите што од државата ги добиваат партиите за освоени гласови на избори, а драстично да се намалат донациите за партиите. И власта и опозицијата се согласуваат дека со оваа измена ќе се намали можноста за нелегално финансирање на партиите преку фиктивни донации.

Членовите на ДИК се бираат со двотретинско мнозинство.

Неофицијално, кандидати за ДИК од СДСМ се, Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристеска, од ДУИ, Дитмире Шеху, и како заеднички кандидат на движењето БЕСА и Алијансата на Албанците Енвер Салихи. Како најсериозни кандидати на ВМРО-ДПМНЕ се Светлана Карапетрова и Оливер Дерковски.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top