ВМРО-ДПМНЕ со нови ветувања, најавуваат десеткување на казните

Ќе ставиме забрана за извршување куќи и станови кои се единствен дом на граѓаните, велат од опозициската партија.

Релаксирање на казнената политика најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ, како дел од изборните ветувања на партијата.

„Ќе ги десеткуваме казните, ќе ставиме забрана за извршување на куќи и станови, кои се единствен дом на граѓаните. Во казнената политика целосно ќе се спроведе системот – превенција па казна. Ќе се утврди нов модел на работење на трудовата и на пазарната инспекција врз основа на системот усно укажување на евидентираните неправилности во работењето на правното лице, период за нивно отстранување, па дури потоа казна. Казната ќе следи само во случај кога неправилноста не е исправена во конкретен рок и ако истата и натаму се повторува од страна на правното лице“ најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Новата прекршочна политика, како што најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде утврдена и кај сообраќајните прекршоци. Ќе се примени системот на мали, но ефективни казни, односно десеткување на сегашниот систем на казни. На пример, сегашната казна за сообраќаен прекршок од 300 евра во денарска противвредност, како што велат, ќе биде заменета со казна од 30 евра во денарска противвредност.

„Уставното гарантирано право на граѓаните на домување е посилно од кој било закон, затоа, освен во случаите на хипотекарно обезбедените побарувања, ќе се укине извршувањето врз недвижност која е единствен дом на граѓанинот. Оваа мерка се применува само кога се извршува по основ на наплата на паричен долг кога врз недвижноста не постои заложно право“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top