ВМРО ќе соработува со Пендаровски само ако мора

Подадената рака кон опозицијата од страна на новоизбраниот претседател на земјата се прима со резерва во „белата палата“..

ВМРО-ДПМНЕ не верува дека пораките на шефот на државата Стево Пендаровски се искрени посочувајќи дека во спротивно претседателот Христијан Мицкоски, како за почеток, ќе добиел покана да присуствува на инаугурацијата во неделата. 

И не само тоа, најголемата опозициска партија и вчера остро го напаѓаше Пендаровски тврдејќи дека е човек без интегритет и сенка на премиерот Зоран Заев, поради што тој не морал физичко да присуствува на неговото завчерашно устоличување. 

Тоа, практично, е продолжеток на кампањата од претседателските избори, каде што ВМРО-ДПМНЕ постојано го обвинуваше фаворитот на власта дека нема свој став и му ја цитираа изјавата во која вели: „102,5 отсто исто мислиме со Заев“.

Сепак, по финалната рунда на 5 мај, од политичките елити се очекува да ги закопаат секирите и во интерес на земјата, да се обидат да соработуваат барем минимум за да се остварат евроинтеграциските текови.

„Во ред, ние сме подготвени за дијалог и ќе соработуваме секогаш кога во прашање ќе биде иднината на нашата земја. Доколку бидеме повикани на разговор, ќе прифатиме, но не можете да очекувате да паѓаме во транс што претседателот рекол дека ќе ѝ подаде рака на опозицијата. 

Да го мислеше тоа, ќе нè поканеше на инаугурацијата. Од друга страна, што значи за него ‘помирувањето’ со опозицијата? Кои се неговите ингеренции на тоа поле? Дали ќе му каже на премиерот дека тоа и тоа не чини, да не го прави и слично? Не е доволно само да кажува флоскули, туку да покажува со конкретни примери“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во својот прв говор како претседател, Пендаровски вети дека еднакво ќе ги претставува и оние што го гласале и оние што биле против него. Рече дека очекува граѓаните да го вреднуваат според односот што ќе го има кон опозицијата и нагласи оти во денешна Европа речиси и да не постои држава која е толку мала, а толку внатрешно поделена. 

„Во политичката сфера, прва работа која ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата. Чувствувам дека моја прва обврска како претседател кој беше предложен од политичкото мнозинство е да го штитам статусот и правата на политичкото малцинство, затоа што демократијата постои само кога различните малцинства во општеството се заштитени од евентуалното самоволие на мнозинствата, а за тоа само законите, најчесто, не се доволни. 

Политичките разлики меѓу луѓето и партиите ќе продолжат да постојат затоа што се природни и нужни, но енергијата и потенцијалот на општеството мораат да бидат обединети околу неколку стратегиски важни работи на кои ќе инсистирам и за кои ќе предлагам модели за постигнување на поширок државен консензус.

Тука, мислам, пред сè, на нашите евроатлантски аспирации за кои на реторичко ниво постои целосна согласност меѓу релевантните политички субјекти, меѓутоа, модалитетите за нивна реализација во кои веруваме се различни“, истакна Пендаровски посочувајќи дека ќе инсистира во процесите кон НАТО и кон ЕУ да бидат вклучени најдобрите умови, без оглед од каде доаѓаат. 

ВМРО-ДПМНЕ го призна изборниот пораз на претседателските избори, но ниту Мицкоски ниту Силјановска не му честитаа на победникот. Пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваа во Собранието додека зборуваше Пендаровски, но воопшто не реагираа на неговите пораки ниту, пак, аплаудираа.

„Зоран Заев избра уште еден слеп послушник и со изборен инженеринг и контингенти договорени гласови го инсталираше на позицијата претседател на Македонија. Пендаровски нема кажано збор осуда на криминалот, корупцијата и непотизмот на власта. 

Истиот тој Пендаровски молчеше и не ги осуди амнестиите на криминалот на неговиот ментор Зоран Заев. Истиот тој Пендаровски не кажа збор за отсуството на реформи во државата, поради кои најверојатно Македонија нема да добие датум за почеток на преговори. 

Тој, како и досега така и отсега ќе молчи и ќе го прави сето она што ќе му го диктира Заев. Пендаровски ќе биде претседател на државата, но, за жал, нема да биде претседател на граѓаните“, се наведува во вчерашното партиско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. 

Мандатот на Пендаровски ќе трае до 2024 година. Во следните година и половина, се очекува успешна кохабитација меѓу него и премиерот Заев, нешто што отсуствуваше додека на Водно живееше Ѓорѓе Иванов.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top