ВМРО за нови избори, СДСМ за нова влада

Со партиски соопштенија ВМРО ДПМНЕ и СДСМ денеска ги повторија веќе познатите ставови во врска со новото парламентарно мнозинство но и политичките случувања во земјата..

И по најавите за свикување на конститутивната седница во вторник од страна на Трајко Вељаноски, но и изјавата на Заев дека до петок треба да има нова влада - од ВМРО ДПМНЕ и денеска порачаа дека Иницијативата на новото мнозинство за продолжување на конститутивната седница е почеток на исполнување на тиранската палтформа  а во својот допис не откриваат како ќе постапуваат во законодавниот дом. Во соопштението стои:

„ВМРО ДПМНЕ останува на својата принципиелна понуда . Доколку СДСМ се откаже од тиранската платформа и реализација на елементите содржани во неа ќе му даде поддршка на СДСМ и Зоран Заев да формираат влада. Доколку пак Зоран Заев се уште смета дека елементите од Тиранската Платформа треба да се прифатат, тогаш за да не ги измами граѓаните, нека прифати парламентарни избори заедно со локални и нека ги вклучи елементите од Платформата во својата Програма.“

Од СДСМ, пак, и денеска порачаа дека е време Груевски да прифати дека е опозиција наведувајќи:

„Груевски и ВМРО-ДПМНЕ мора да се вразумат, да прифатат дека граѓаните не ги поддржуваат и се опозиција и да овозможат мирен трансфер на власта.Промените доаѓаат! Ќе има и конститутивна седница, и мандат за составување Влада и нова реформска Влада на граѓаните на Македонија.“

Од Беса, па,к веќе го изнесоа својот став дека никогаш нема да бидат дел од документ што ќе биде на штета на било кои граѓани на Р. Македонија. Бидејќи, како што велат, колку се заинтересирани за доброто на Албанците подеднакво се заинтересирани и за доброто на Македонците.

Дел од аналитичарите кои веќе ги изнесоа своите мислења пак ситуацијата ја гледаат како ќорсокак во кој земјава е заглавена не само во изборната процедура туку и меѓу два системи, еден во заминување и еден кој доаѓа. Во интервју за емисијата Отворено на Тв 24 универзитетскиот професор Денко Малески, пак, констатираше дека целата оваа ситуација вклучително и повикувањето на граѓани на улица е неспособноста на партиите демократски да дебатираат за сите отворени прашања.

„Главното внимание треба да му се посвети на македонскиот дел којшто е ислашен од она што го слушна, за да може да се дојде до едно заедничко сознание дека без согласност на сите не е можно да се менуваат радикално работите“, изјави Денко Малески. 

Засега сè уште е неизвесно дали до петок собранието ќе избере нов претседател бидејќи пред да продолжи седницата мора да има договор за комисијата за избори и менувања, каде ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се натегаат околу мнозинството.

Новото парламентарно мнозинство вчера му ја достави на Вељаноски иницијатива поддржана со 67 пратенички потписи, и порачаа дека очекуваат што поскоро тој да ја свика седницата.



Copyright 2016 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top