Во Австралија почина Сергија Секулоски, познат активист во Македонската заедница

По подолго боледување на 15 ноември прекрати да чука благородното срце на нашиот сонародник Сергија Секулоски, кој е роден е на 7.10.1933 година во село Волино, Охридско, Македонија, а се доселил во Грингила, Австралија на 17.9.1966 година..

До неговото пензионирање Сергија работи во најголемата австралиска топилница на железо „Стилворк“ во Порт Кембла. Сергија во 1972 година се зачленува во Црковниот одбор на црквата „Св. Димитрија Солунски“ во Волонгонг, каде како чесен Македонец е биран на повеќе раководни места. Тој е иницијатор  за отворање на македонско училиште во Грингила во 1972 година и организатор за фрлање на светиот крст во морските води на Богојавленскиот празник во Волонгонг. Во 1979 година Сергија го формира Социјалното друштво „Охридски јубилеј“ со кое приреди повеќе концерти посветени на ослободувањето на градот Охрид.

Во 1980 година, тој  се зачлени во ФК „Грингилски лавови“ и со управата  организираа  Грингилско сретсело, кое традиционално  се одржува на сите поважни верски празници. Со група Македонци ја регистрираа  добиената парцела во месноста Потрт Кембла Гренч за Македонски гробишта.  Тој е иницијатор и на збратимувањето на Охрид со Волонгонг во 1982 година, а со група патриоти на 1.8.1986 година  го организираа и првиот протест пред грчката амбасада во Канбера. Од 1982 година до неговата смрт, тој и е верен член на Либералната партија, за кое  добива повеќе почести и признанија.

sergija

Долги години Сергија соработува со македонските дисиденти Благоја Шамбевски и Драган Богдановски, од кои добива инструкции за потикнување на Македонците во дијаспората, за истрајна борба кон целосно ослободување на Македонија и нејзините обесправени граѓани во соседните земји. Во 1991 година на Основачкиот задграничен одбор на ВМРО – ДПМНЕ за Нов Јужен Велс, во Сиднеј, ќе постане  член во управниот одбор. Од моменталната состојба во татковината тој е очајно загрижен и здравствено сломен. Последните години од животот, тој ги помина во својот дом, опкружен од неговото семејство: сопругата Даница, синовите Самоил и Јане, снаите Даниела и Џеки и внучињата: Анастасија, Моника, Викторија, Џемс и Шанел.  

За неговата волонтерска работа во македонската заедница, Сергија заслужува искрена доблест и национална почит.

Иван Трпоски, Сиднеј - Австралија


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top