Во Државниот архив се делеле прекувремени дневници без покритие

Вработени во Државниот архив од буџетот минатата година„исцицале“ 10.000 евра на име прекувремени саати на работа, открива Државниот ревизор во извештајот за работата на оваа институција додека директор беше Филип Петровски..

Ревизорите обелоденуваат дека парите биле исплаќани без докази, односно во Архивот нема документација со која ќе се потврди дека службениците биле ангажирани за работа надвор од работното време. Висината на надоместокот што се исплаќала изнесувала 35 проценти од платата. Или, на пример, ако службеникот добивал плата во висина од 30.000 денари, плус додатокот од 10.500, му биле исплаќани 40.500 денари.

Од друга страна, според Законот за државни службеници, постои можност наместо пари, административците кои ја надминале нормата, наредниот месец да користат слободни денови. Но, наместо оваа опција секогаш се користела другата, односно им биле исплаќани поголеми плати.

„Не било овозможено одработените часови на прекувремена работа да бидат заменети со слободни денови, кои вработените требало да ги искористат до крајот на наредниот месец, бидејќи истите се исплаќани со платата за месецот во кој се изработени. Во текот на 2016 година извршена е исплата на надоместок за работа подолга од полното работно време, врз основа на одлука донесена од директорот, во износ од 670.000 денари“, пишува во извештајот на Државниот ревизор.

Освен исплатата за прекувремена работа „од око“, ревизорите открија и дека во магацинот на Државниот архив во 2014 година биле отпишани книги во износ од 1.949.000 денари (31.000 евра) под изговор дека книжниот фонд бил оштетен и уништен од природни непогоди (поплави и влага и сл.) без притоа да се донесе акт од страна на директорот за постапување со отпишаниот книжен фонд.

Ревизорите предупредуваат и дека во Државниот архив нема точни податоци со колкав книжен фонд располага, со оглед дека не е извршен попис во библиотеката, обврска која според законот треба да се врши на секои пет години. Освен тоа, поранешниот директор Филип Петровски, минатата година не ги осигурал објектите во кои е сместен Државниот архив.

Ревизорите соопштија и дека парите кои Архивот лани ги добивал на име закупнини од мобилни компании и фирми не биле уплаќани во Буџетот на РМ, ниту пак за овие договори била известена Владата. Станува збор за приход од закупнина на простор на покривите од објектите во четири подрачни одделенија, за поставување на монтажни базни станици за мобилна телефонија. Договорите биле склучени со компанија за мобилни комуникации во 2009 година за период од 10 години, со можност истите автоматски да се продолжат за дополнителен период од 5 години. Закупнината изнесува 300 евра месечно. Како и договор на неопределено време за закуп на дворно место во подрачното одделение во Скопје за поставување на четири паноа, во износ од 1.800 евра годишно.

Филип Петровски беше назначен за директор на Државниот архив на 20 октомври 2015, а од функцијата беше сменет по промената на власта.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top