Во Франција педесет илјади луѓе на протестите на Жолтите елеци

Најмалку педесет илјади луѓе учествуваат во масовните протести на неформалното движење Жолти елеци, пренесе во саботата вечерта радиостаницата France Info повикувајќи се на изјавата на министерот за внатрешни работи, Кристоф Кастанер..

Радиото напомнува дека станува збор за поголем број демонстранти, според процените на полицијата, од протестите минатата сабота на 29-ти декември кога ги имало 32.000 и седмица претходно на 22-ри декември кога полицијата ја соопшти бројката од 36.000 демонстранти.

Саботниот беше осмиот протесетен марш во демонстрациите коишто започнаа во средината на ноември со барањата владата да се повлече од најавите за зголемување на даноците на горивата, особено дизелите. Подоцна претседателот Емануел Макрон ја повлече оваа мерка која ја најави во рамките на неговиот план за минување на други видови енергенси, но протестите продолжија.

Според информациите на електронското издание на дневниот весник Le Monde, во главниот град Париз на протестите учествувале околу четири илјади луѓе, што е значително помалку од почетокот на протесните маршеви. Поворката започнала од плоштадот Отел-де-Вил пред градскиот совет.

Во Париз и во другите градови, протестите биле придружени со судири со полицијата. Во француската престолнина полицијата употребила и солзавец. Притоа телевизијата BFMTV објави дека биле приведени 18 лица. Инциденти имало и во другите градови, вклучително и во Каен.

Истовремено весникот Le Parisien истакнува дека официјалниот претставник на француската влада Бенжамен Гриво морал да биде евакуиран од кабинетот откако група демонстранти влегле во дворот на министерството. Според очевидци, околу 15 лица облечени во црни и во жолти елеци ја скршиле портата на министерството со помош на градежни машини. Се известува дека демонстрантите се обиделе да влезат и во други министерства.

„Не ме нападнаа мене, туку Републиката, нејзините институции“, изјавил Гриво, кого го цитира весникот. Гриво, кој е портпарол на владата, ги осудил ваквите дејствија, оценувајќи дека се неприфатливи.

Демонстрантите, исто така, запалиле и мало бротче на брегот на Сена. Притоа припадниците на полицијата користеле гумени куршуми за да ги растераат демонстрантите.

Протестите на граѓанското движење Жолти елеци, кое нема формална структура и јасни водачи а се организира преку социјалните мрежи, по првите протести на 17-ти ноември поради поскапувањата на давачките на горивата, се претворија во бунт и незадоволство од социјалната ситуација во Франција. Масовните протести на кои во почетокот учестваа неколку стотици илјади луѓе ширум земјата се чини го загубија еленот, но се’ уште се придружени со судири со полицијата, демолирања продавници на познати брендови и банки, како и палења автомобили.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top