Во Грција уапсен главниот шверцер за западнобалканската рута

Во Грција е уапсен шефот на бандата шверцери на луѓе, а како што се тврди, тој бил вмешан во огромен број шверцувања на западнобалканската рута од почетокот на кризата во 2015 година, соопшти Јуропол..

Лидерот на бандата, државјанин на Сирија, бил уапсен на 12 јуни во Атина, заедно со соучесник кој бил вмешан во изработката на лажни документи, а благодарение на заедничка акција на грчката и унгарската полиција и Јуропол.

Неговото седиште било во Унгарија, а бил вмешан во транспортот на емигранти во 2015 и 2016 година, во време кога бил под истрага на бројни земји членки на ЕУ поради неколку инциденти меѓу Унгарија и Германија.

Со истрагата било утврдено дека со затворањето на западнобалканската рута се преселил во Грција, за да продолжи со криминални дела, поради што по него, на барање на Унгарија, бил распишан европски налог за апсење.

При апсењето, во станот во кој живеел во Грција биле најдени 53 документи – пасоши, лични карти, печати за визи, дозволи за престој, возачки дозволи, карти за социјално осигурување од целиот свет.

Во моментов форензичари ги испитуваат документите, а некои од нив се пријавени како изгубени или украдени.

При апсењето биле одземени и лаптоп и мобилни телефони.

Јуропол наведува и дека целата акција била изведена во рамки на грчкиот национален операциски план, чија цел е да се попречи организираната криминална мрежа која се бави со шверц на емигранти.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top