Во Охрид конференција за сузбивање на прекуграничниот криминал во ЈИЕ

Собирот го организираат од Министерството за внатрешни работи и Центарот за безбедност.

„Превенција и сузбивање на транснационалниот организиран криминал во Југоисточна Европа – Конвергенција на теорија и практика“ е темата на меѓународната конференција што од денеска се одржува во Охрид, во рамки на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа (ЈИЕ).

На собирот организиран од Министерството за внатрешни работи и Центарот за безбедност, развој и владеење на правото (ДЦАФ), учествуваат полициски експерти и научни работници од областа на безбедноста од речиси сите земји на ЈИЕ. Предвидено е во двата работни дена да се дискутира на повеќе теми од сферата на безбедноста што го тангираат регионот на ЈИЕ, почнувајќи од актуелните проценки за безбедносните предизвици од аспект на транснационалниот организиран криминал, неговите трендови, проблематичните области, но и корелацијата на научните согледувања со конкретните состојби особено во контекст на примена на истите во полициската практика.

Во обраќањето, директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Митко Чавков, меѓу другото истакна дека зајакнувањето на националните капацити не се доволни сами по себе, дека пред прогресивната и глобална природа на трансграничниот организиран криминал како императив се наметнува потребата од меѓународно координирана реакција.

- Меѓународната конвенција за трансграничен криминал, Конвенцијата за соработка на полициите од регионот, како и други меѓшународни иницијативи даваат широка правна рамка за делотворна соработка. Но, нема да постои успешна соработка доколку на тоа не му претходи заедничко координирање на напорите за собирање и анализа на податоци за различните форми на транснационален организиран криминал, истакна Чевков.

Според Андреј Рупник, директор на Програма за гранична безбедност при ДЦАФ, оваа средба во Охрид е добра можност првпат на иста маса да седнат луѓето од академската сфера во регионот кои го проучуваат феноменот на организираниот криминал, а истовремено проблематиката да се продискутира со оние кои секојдневно работат на сузбивање на криминалните активности.

- Тука сме да видиме дали сите 11 држави од регионот, а се членки на Конвенцијата за полициска соработка, ги споделуваат истите проблеми, кои им се можностите за унапредување на соработката и што може да се стори повеќе во насока на поодбрување на соработка со академската сфера, појасни Рупник.

Тој забележа дека кај некои од државите постојат мошне добри врски меѓу научната област и практичната работа во борбата против криминалот, додека кај некои тоа се уште е во зародиш.

- Доколку полициските академии и факултетите за безбедност ги следат збуднувањата на терен и анализираат, тие податоци можат и тоа како да бидат корисни за криминалистичката полиција, за планирање на полициското работење со помош на стратешки информации, појасни Рупник. 


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top