Во Скопје ќе биде тесно, ќе ја решат албанските партии

Партиите кои се тркаат за локалните избори веќе знаат во која општина имаат поголема поддршка, а каде шансите за победа им се помали па сосема разбирливо своите фокуси и напори ги насочуваат таму каде што им е најпотребно..

Скопје како издвоена единица на локалната самоуправа ќе биде од исклучителна важност и за ВМРО-ДПМНЕ кои имаат зад себе два мандата со Коце Трајановски за кого се создаваше слика на вреден и посветен градоначалник. Сепак, растот на популарноста на СДСМ на последните парламентарни избори во Изборната единица 1 каде победија со 11:9 пратеници како и веќе одамна официјализираната коалиција со ДУИ му дава огромни шанси за победа на кандидатот Петре Шилегов кој ќе се обиде да ја смени власта и на локално ниво. 

СДСМ неодамна го одржа својот централен митинг на кој демонстрираше елен, заедништво, енергија и сплотеност иако доби многу критики дека вакви мега митинзи веќе не се потребни и дека истите потсетувале на времето на Груевски во врвот на популизмот. Сеедно, потегот од политичка гледна точка им донесе многу повеќе бенефит, па дури успешно изведоа и носење поддржувачи од останатите градови низ Македонија. 

Да не бидеме наивни, ништо помалку мегаломански нема да биде претстојниот централен митинг на ВМРО-ДПМНЕ кој на 13 петок ќе се одржи во Скопје, како последен обид да се затвори кампањата со силен впечаток и да се остават импресии кај симпатизерите и потенцијалните гласачи. Во повеќето анкети кои излегоа периодов од независните инстути за истражување се прогнозира дека најреално сценарио е да има втор круг на гласање за град Скопје бидејќи рејтингот на Петре Шилегов и Коце Трајановски е речиси изедначен.

Некои анкети му даваат блага предност на Шилегов со комбинираните гласови на СДСМ, коалицијата и ДУИ, како и на повеќето Македонци и Албанци. Коце Трајановски ја има традиционалната поддршка од повеќе скопски бастиони на ВМРО-ДПМНЕ, но прашање е дали ќе успее сите да ги убеди дека тој не се меша во дневните политики и дека главна преокупација му е напорната работа како градски татко. 

Доколку дојде до втор круг што е реално сценарио тогаш шансите за победа ќе се зголемат за Шилегов токму поради официјалната коалиција и поддршка од ДУИ, додека пак потенцијалните партнери на Трајановски како гласачите на БЕСА не би имале голем мотив да излезат и да гласаат за него во вториот круг, но секако и за таа теорија треба да има простор за резерва бидејќи во политиката се е возможно.

Извор: Фактор


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top