Воениот комитет на НАТО во прва посета на Македонија

Делегација на Воениот комитет на НАТО, предводена од генерал- полковник Стивен Шепро денеска и утре престојува во Скопје..

Подготвеноста на земјава за членство во Алијансата е во фокусот на посетата на воените претставници на 29-те земји членки

Дали и колку Македонија е технички подготвена за зачленување во НАТО? Какви се нашите способности, постигнувања и идните планови за учество во мировните мисии се главните теми за кои денеска дискутираат воените претставници на сите земји членки на НАТО, а во рамки на сесијата на Воениот комитет на Алијансата. Посетата на Воениот комитет се одржува во Скопје, на покана на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.

Според надлежните ова е историска посета бидејќи за прв пат делегација на Воениот комитет на НАТО доаѓа во земјава. Воениот комитет го предводизаменик претседавачот генерал-потполковник Стивен Шепро, a Македонија на масата со воените претставници ќе ја претставува генерал мајор Васко Ѓурчиновски.

За време на посетата, претставниците на Воениот комитет на НАТО, ќе бидат запознати со постигнувањата, подготвеноста и идните планови на Република Македонија – АРМ за полноправно членство во Алијансата, соопштија од АРМ додавајќи дека се работи за исклучиво воен настан од затворен тип. На настанот не се предвидени прием и учество на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов.

Во текот на утрешниот ден пак во касарната „Илинден“ во Скопје планирана е и вежба за демонстрација на оперативните способности, опремата и техниката на дел од декларираните единици од Здружената оперативна команда.

Покрај претставниците на воениот комитет, ќе присуствуваат и членови на Меѓународниот воен штаб, а кон активностите ќе се приклучат претставници на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, претставници од АРМ и најверојатно борбените аташеа на земјите членки на НАТО во Скопје.

Воениот комитет на НАТО е најстаро постојано тело во НАТО, заедно со Северноатланскиот совет. Тој е еден од клучните елементи во воената структура на НАТО составен од началниците (шефовите на одбрана на земјите членки на НАТО).Овој комитет прави воени проценки, планови, прашања и препораки и анализа земајќи ги предвид ставовите на секоја земја членка. Воениот комитет на НАТО, меѓу другото, служи како врска меѓу политичките лидери на НАТО и двата стратегиски команданти. Комитетот на ниво на началницисе состанува три пати годишно, додека воените претставници на НАТО земјите најмалку еднаш седмично.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top