Вокер: Обидот на ЕУ да ја контролира економијата на членките, ќе ви ги наруши економските слободи

Доколку сакате да влезете во ЕУ од економски цели, подобро немојте.

Членството во Европската унија можеби е добра идеја за Македонија од гледна точка на политичка стабилност, пред се во однос на соседите. Но, доколку тоа го правите од економски цели, подобро да не влегувате, смета Мајкл Вокер, канадски економист, основач и поранешен извршен директор на Институтот Фрејзер и еден од авторите на извештајот за Економски слободи во светот.

Вокер предупредува дека обидите на Европската Унија да се централизира и бирократизира, и да ја контролира економијата на државите членки, може да го наруши постигнатото во земјите кои се обидуваат да се развиваат така што ќе ги ослободуваат своите економии.

- Има две одделни причини зошто земјите би сакале да влезат во ЕУ. Едната е да бидат признати како еднаква, нормална држава од страна на западните земји. Претседателот Вацлав Клаус велеше дека за Чешката Република и нивното членство, овој проект нема многу врска со економските приоритети, туку пред се е проект за зачувување на некое чувство на политичка нормалност и припадност на Западот. Тоа не треба да се отфрла како недостојна цел, и македонските граѓани треба соодветно да ја проценат. Но, од друга страна, мислам дека ако сакате да водите независна, слободна пазарна агенда во вашите економски реформи, тогаш членството во ЕУ не е добра идеја. Европскиот проект не се грижи за економските слободи, туку веќе работи на елиминирање на слободите, сака да созададе внатрешни пазари и бариери кон тие што се надвор. Има аргументи во прилог на членство, политичка нормализација и географска нормализација, и цементирање на независноста на Македонија во однос на некои од нејзините соседи. Но, ако тоа го правите од економски причини, тогаш веројатно на крајот на краиштата членството нема да биде во ваш интерес, изјави Вокер.

Канадскиот експерт, кој заедно со Нобеловецот Милтон Фридман е основач на индексот за Економски слободи изработуван од канадскиот конзервативен институт Фрејзер и мрежа од 80 сродни организации низ светот. Индексот е еден од најупотребуваните и најпознати извештаи од овој вид во светот.

Последниот извештајот на институтот Фрејзер, за 2011 година, објавен пред еден месец, ја стави Македонија на 71 место. При првото рангирање, во 2005 година, Македонија беше на 90 место, а во однос на 2010 година бележи напредок од 2 места. Македонија бележи високи оценки во регулаторните реформи, во банкарството, слободата на пазарот на трудот, леснотијата на отворање на бизнис и реформите за намалување и поедноставување на даноците. Негативните оценки се во судството и во големината на државниот сектор.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top