Време на забрзано вооружување на Американците, Русите, но и на Кинезите

Не се само САД виновни за извесниот крај на договорот за забрана на ракети со среден дострел, оценува Андреас Рос од „Франкфуртер алгемајна цајтунг.“.

Најавата на Доналд Трамп за откажување од ИНФ-договорот за неширење на нуклеарно оружје со среден дострел, предизвика очекувана вербална војна. Америка и Русија се обвинуваат меѓусебно за кршење на договорот. Притоа, во втор план се турка една заедничка работа за двете нуклеарни сили: конкуренцијата со Кина. Кога Роналд Реган и Михаил Горбачов во 1987 година го запечатија „двојното нулта-решение“ за балистички ракети и крстосувачки проектили, арсеналот на Кина не можеше да се мери со нив. Тоа одамна веќе не е така.

Кинеските ракети им пречат и на Русите и на Американците

Зашто во 1990-те Пекинг со нов елан започна проект со кој сакаше да ѝ се спротивстави на воената доминација на Американците во регионот на Пацификот. Тоа беа главно ракетни системи. Притоа, на Кина добро ѝ дојде што Американците и Русите си ги врзаа меѓусебно рацете токму во таа категорија. Воените планери во Москва и Вашингтон одамна се жалат поради тоа. Уште пред повеќе од 10 години Русите се обидуваа претпазливо да напипаат дали можеби поради Кина и други атомски сили не е подобро да не се закопува ИНФ-договорот.

Дотолку поенергично сега Пекинг се обидува да ја претстави целата работа како американско-руски судир кој е неодговорен во светски рамки и со кој Кина нема ништо. Но, Трамп стави јасно до знаење дека нов договор за спречување на забрзаната трка во вооружување нема да биде замислив без Кина.

Таа помисла е сѐ друго, само не погрешна. Меѓутоа, Пекинг никогаш не би се согласил со „нулта решение“, како што тоа пред повеќе од 30 години го сторија Вашингтон и Москва во еден биполарен свет. Зашто, додека двете супер сили тогаш, како впрочем и денес, се одлично вооружени на море и во воздух, Кина до неодамна беше силно концентрирана на ракетни системи. Значи, за духот на ИНФ-договорот да се пренесе во мултиполарниот свет на денешнината, ќе треба да се заврти многу поголемо тркало.

Мултилатерален договор со Доналд Трамп?

Дури и доколку конструктивните разговори на таа тема не би стоеле наспроти пренадуениот трговски конфликт, во кој Кинезите сметаат дека се цел на американски напад врз нивниот статус на светска сила, тешко е да се претстави дека токму Доналд Трамп би ковал мултилатерален режим за разоружување од вакви димензии.

Негов домен е уништувањето. Притоа, овојпат од голема помош му беа Русите со нивните тајни забранети крстосувачки проектили. Тие за крајот на ИНФ-договорот кој се заканува се во најмала рака барем исто толку виновни колку и САД. Сега сѐ укажува на тоа дека доаѓа време на забрзано вооружување на Американците, Русите, но и на Кинезите.

Извор: Дојче Веле


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top