Вучиќ до Рама: Обединување на Косово и Албанија нема да има

Таквите изјави не придонесуваат за создавање атмосфера на соработка и спроведување заеднички проекти..

Изјавите кои се однесуваат на обединување на Албанија и Косово се само во доменот на личните желби на поединци, но би ги замолил да не ги изнесуваат јавно бидејќи тоа не придонесува за развој на добрите односи во регионот, изјави денеска новоизбраниот претседател на Србија и актуелен српски премиер Александар Вучиќ. 

- Таквите изјави не придонесуваат за создавање атмосфера на соработка и спроведување заеднички проекти - рече Вучиќ коментирајќи ја изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за можно обединување на Албанија и Косово, доколку пропадне европската перспектива на земјите од регионот. 

Вучиќ нагласи дека на сите им е јасно дека до обединување на Албанија и Косово нема да дојде, без разлика на нечии желби.

- Ние никого нема да навредуваме и нема да се закануваме со никакви изјави. Пред сѐ размислуваме за економскиот напредок на Србија - порача Вучиќ на прес-конференција во Белград.

Рама завчера во интервју за бриселскиот весник „Политико“ изјави дека ако перспективата за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ продолжи да се намалува, тогаш би можело да се дојде и до обединување на Албанија со Косово.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top