Вучиќ по забраната за посета на село на Косово: Не сакам пушки, но не сум уплашен

„Не сум во состојба да дојдам, но уште помалку сакам да ги изложам на ризик вашите животи“, им порача денес преку телефон претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Вучиќ се врати во Косовска Митровица каде држи говор на митинг на централниот градски плоштад.

Тој за РТС изјави дека се откажал од посетата на Бање бидејќи не сакал да ги загрозува тамошните Срби. „Не сакам пушки, иако не сум посебно уплашен, но никогаш нема народот да го повикувам на оружје“, кажа претседателот на Србија.

Тој на Србите во Бање им кажа дека косовската влада не сакала тој да ги посети.

„Жал ми е што не можев да дојдам бидејќи тоа не го сакаа приштинските власти“, им кажа Вучиќ на жителите на Бање кои околу 300 се собраа во центарот на селото очекувајќи го неговото пристигнување.

И косовските медиуми известуваат за блокадите, истакнувајќи дека биле поставени уште синоќа, пред доаѓањето на српскиот претседател во селото јужно од Ибар.

На патиштата има камиони, поставени се барикади од стебла и запалени гуми, а има и транспаренти „Вучиќ нема да помине“ и „Вучиќ врати се“, пишува порталот Клан Косова.

Посетата на Вучиќ на Бање беше најавена за 10 часот, а премиерот на Косово Рамуш Харадинај ја повлече претходната владина дозвола за посетата на Вучиќ, па полицијата го сопре српскиот претседател на пат кон селото.

Српскиот претседател денес во Косовска Митровица му оддаде почит на неодамна убиениот лидер на Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда Оливер Ивановиќ.

Вучиќ од местото на убиството на Ивановиќ, во улицата Сутјеска, порача дека нема да дозволи „изживување врз српскиот народ“.

Градските власти во Косовска Митровица која ја контролира Српска листа, сестринска партија на Српската напредна партија на Вучиќ, во август не го прифатија предлогот улицата во која беше убиен Ивановиќ да го добие неговото име.

Наместо тоа тие решија името Оливер Ивановиќ да го носи споредна улица во приградска населба.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top