Вучиќ за „Олуја“: Кога ќе почнат знамињата и концертите, кој дел од процесот го слават?

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека 4 и 5 август се тажни денови за сите оние што имаат нешто српско, но додаде дека тој во исто време е и горд..

Тој синоќа на одбележувањето на Денот на сеќавањето на жртвите од операцијата „Олуја“ во Ветерник рече дека е горд кога ќе види насобрани луѓе што без желба за одмазда и реваншизам го одбележуваат страдањето на српскиот народ.

„Морам да кажам дека сум горд кога олку многу луѓе без никакви грди зборови го одбележуваат страдањето на својот народ. Тој 5 август не изгубивме сè, но изгубивме градови, илјадници домови, изгубивме луѓе што беа убиени само затоа што носеа српско име и презиме“, рече Вучиќ.

Како што рече, да се измери трагедијата на Србите западно од реката Дрина, особено Краишник, е речиси невозможно.

„Некои лееја солзи радосници и пееја победнички песни, додека други му се чудеа на политичкиот пораз. Денес сум горд што сите ние сме тука заедно. Не сакаме судири, сакаме иднина, но нема да дозволиме никој да нè понижува“, рече тој.

Тој истакна дека Србија сака мир, соработка со сите за сите отворени прашања.

„Не знам дали денешна Хрватска има сила да се соочи со резултатот од 'Олуја', но затоа Србија има сила целиот свет секоја година да го потсетува, како што денес има сила да го заштити својот народ и да не дозволи прогони“, рече српскиот претседател.

„Олуја“, рече тој, е злочин „ужасен и страшен“, но денес Србите кренаа глава, Србите сакаат иднина и мир, но никогаш и никому нема да му дозволат да ги понижува.

„Денес се сеќаваме на нашите деца што се убиени, се сеќаваме на сите наши жртви, мислиме на родителите чии деца се убиени и одземена им е сета среќа. Сето тоа се случи во само неколку дена во август 1995 година, во еден сончев ден, останаа пустош и страв. Имаа директна воена и логистичка поддршка од западните сили и НАТО и тој месец продолжи злосторството што не застарува“, рече Вучиќ.

Тој вети дека секој август ќе им се оддава почит на жртвите.

„Нека им е вечна слава на сите Срби убиени само затоа што се Срби, да живее Република Српска, да живее Србија“, рече Вучиќ.

Тој рече дека не знае дали соседите на Србија „некогаш ќе престанат да ја слават нашата несреќа“, додавајќи дека знае дека Србите секогаш ќе имаат „глас што се слуша и што кажува дека во 1995 година српскиот народ доживеал страшна трагедија.“

На одбележувањето на Денот на сеќавање на жртвите од операцијата „Олуја“ во Ветерник присуствуваа повеќе од 30.000 луѓе.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top