Вучиќ за ситуацијата на Косово: Да поделиме јажиња и сите да се обесиме?

Србија без оглед на заканите и притисоците на Албанците и зголемувањето на царинските давачки од 100 отсто, и покрај немањето нормална реакција од ЕУ, ќе остане на патот на евроинтеграциите, порача српскиот претседател Александар Вучиќ..

„Мора да се бориме да останеме на европскиот пат бидејќи ако сами излеземе – возот по нива не оди“, кажа Вучиќ за РТС.

Вучиќ истакна дека во понеделникот вечерта имал „тешки разговори со луѓето од ЕУ кои предложиле средба и обид да се дојде до компромис со Косово“, но тој им кажал дека „нема да се согласи на уцените и притисоците да се разговара за што било друго освен за укинување на царините“.

„Европската Унија мора да реагира, а не реагира. И што да правиме? Да си поделиме јажиња и сите да се обесиме? Ние продолжуваме да работиме за да му помогнеме на нашиот народ на Косово“, порача српскиот претседател.

Тој оцени дека најголемиот број граѓани на Србија сакаат статус кво кога станува збор за решавањето на косовското прашање, истакнувајќи дека Албанците сакаат да ја заокружат својата дрѓжавност и за тоа се спремни да ја платат секоја цена.

„Ние се соочуваме со желбата на Албанците да направат своја државност и зспремни се тоа да го постигнат по секоја цена“, укажа Вучиќ и порача дека е невозможно одржување на состојбата на замрзнат конфликт бидејќи тоа „не го сакаат ни Европа, ни светот, а не го сакаат ни Албанците“.

Тој го илустрираше српско-албанскиот однос на силите со оценка дека Соединетите Американски Држави се „мајка и татко на Албанците“ и дека останатите западни земји им се „тетки и стрини“, набројувајќи ги Англија, Франција, Германија...

Србија во тие услови се „бори со сите сили“, а ја има поддршката од Русија и Кина и други земји кои ги има сѐ повеќе, оцени Вучиќ.

Српските медиуми ја пренесоа изјавата на портпаролката на ЕУ Маја Коцијанчич дека еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан е во контакт со претседателите на Србија и Косово Александар Вучиќ и Хашим Тачи и дека се договориле дека е потребно итно смирување на ситуацијата и спуштање на тензиите.

Таа повтори дека, околу неодамна воведените косовски царини на стока од Србија и БиХ, ЕУ јасно побарала нивно повлекување.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top