За кого бијат Илинденските камбани?

Ако ЕУ навистина сака стабилност во регионот, ќе мора посериозно да поразговара со своите грчки пријатели. На што да се реферира Македонија, ако и се оспорува и легитимирање преку нејзината современа историја?.

Не постои рационално објаснување зошто предлог-решението со досега најголем потенцијал за компромисно окончување на спорот за името, беше оставено да се топи како сладолед на жешките плочници во Атина. Особено што за тој предлог претходно рака си подале шефовите на дипломатиите Коѕијас и Димитров на средбата во Сунио. Истиот предлог го помина тестот и кај премиерите Заев и Ципрас на средбата во Софија. Нивните разговори до раните утрински часови, нивните длабоки подочници од непроспиената ноќ, широките насмевки пред фоторепортерите, како и честитките што ги собраа од европските лидери по веста дека успешно се движат кон решение, навестуваа сосема поинаква траекторија за предлогот, од онаа која еден ден потоа беше исцртана во Атина.

Со сите можни забелешки кои може да ги дотураат дежурните противници на каков било договор меѓу двете земји, предлогот „Република Илинденска Македонија“ е решение кое ги надмина и описите на Ангела Меркел за значењето на еден компромис: „нешто од кое двете страни ќе бидат подеднакво незадоволни“.

Овојпат на масата е предлог што во себе носи потенцијал двете страни да бидат подеднакво задоволни. Ги носи пред вин-вин решение. И пред таква неповторлива можност, каква што не се случила во изминатите две децении, шансата на чуден начин се прокоцкува во Грција. Неприфатливи се образложенијата на дел од грчките партии, меѓу кои и опозициската Нова Демократија, дека „секое повикување на Илинден во името на соседната земја, не само што нема да стави крај на македонскиот иредентизам, туку го потврдува и го зајакнува“.

Ако претходно дел од партиите тврдеа дека и самиот збор Македонија во сложеното името на северниот сосед рефлектира иредентизам, произлегува дека секој предлог ќе биде подложен на истите ирационални критики. Но, ако е сосема јасно дека грчката опозиција врз ова прашање се обидува да лови политички поени во интерес на нејзиниот рејтинг и изборни математики, нејасно е зошто премиерот Ципрас можноста да се дојде до решение преку последниот предлог ја испушти на многу лефтерен начин. Се чини дека не беше сторено се да се презентираат предностите на овој предлог, ни според времето потрошено за него (телефонски разговори), ни според начинот на кој беа премолчани забелешките на партиите.

Се остави простор во грчката јавност да доминираат разни „илинденски толкувања“ за македонски територијални претензии кон делови од Грција. Зошто грчката влада остана без одговор на ваквите тези? Па токму Грција во ЕУ седи рамо до рамо со Бугарија. Според истиот „аршин“ би требало да е загрижена од ист „иредентизам“ што го рефлектира Илинден и во бугарската историја. 

Повеќе за Дојче Веле


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top