За ЛШ е мајстор, но Кралскиот Куп е најголемата болка на Зидан

Фудбалерите на Реал Мадрид доживеаја елиминација во четвртфиналето од Кралскиот Куп, откако вечерва на домашен терен загубија од Реал Сосиедад со 4:3..

Со тоа избраниците на Зинедин Зидан останаа без шанса да се борат за трофејот кој веќе подолго време го немаат во своите витрини.

Ќе мора легендарниот Французин и неговите избраници да ја сочекаат следната сезона за да се обидат да направат исчекор во Купот, а делува неверојатно податокот дека Зинедин Зидан не знае како се освојува трофејот во Кралскиот Куп.

Зидан како играч освои речиси се што можеше да се освои, беше европски и светски првак со Франција, со Реал Мадрид ја освојуваше Ла Лига и Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство, а како тренер успеа да ја продолжи жетвата на трофеите и славеше во Лигата на шампионите три пати во низа, но ако за ЛШ е махер, тогаш Кралскиот Куп му е стара болка, бидејќи ни како играч, ни како тренер не успеа да го крене трофејот во ова натпреварување.

Од друга страна, Реал Мадрид не успеал да освои двојна круна во шпанскиот фудбал уште од 1989 година, кога последен пат се освоени Ла Лига и Кралскиот Куп. Последната двојна круна на Реал е во 2017 година кога под водство на Зидан ги освоија првенството и Лигата на шампионите.

Оваа сезона Реал е лидер во првенството и можеби ќе дојде до титулата во Ла Лига, но за да ги обедини шпанските трофеи ќе мора да чека до следната сезона.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top