За почист воздух треба да се надминат повеќе пречки

Југохром не работи една година, дивата депонија е отстранета, а воздухот во Тетово и натаму е загаден. Почист воздух ќе има кога ќе се надминат повеќе еко проблеми, посочуваат екологисти..

Уште многу предизвици треба да се надминат за во Тетово да има чист воздух, сметаат екологистите од здружението Еко Герила. Иако помина повеќе од една година откако нема чад од фабричките оџаци на Југохром, како и неколку месеци по отстранувањето на дивата депонија, мерните инструменти и понатаму покажуваат висока загаденост на воздухот. Проблемите и состојбите кои придонесуваа за аерозагадувањето продолжуваат и понатаму и нема промена во обидите за нивно надминување, вели Аријанит Џафери од Еко Герила.

„Граѓаните да се повнимателни во користењето на нивните возила, особено сега. Општината да ги измие улиците кои речиси никогаш не се чистат. Превозот, градскиот превоз кој го немаме. Секојдневно гледаме исти фабрики за мебел, исти авто отпади, исти автомеханичари кои горат некои штетни материјали и чадот се гледа кога излегува од нивните фабрики. Ако инспекциските контроли се толку чести треба да ги казнат за да тие не го повторат тоа што го прават. Или новите градби кои ја блокираат циркулацијата на воздухот и тоа требаше да се решава како што треба, а не да се дава дозвола кому било, каде било и во кое било време“, потенцира Џафери.

Според Еко Герила Општина Тетово треба да ја смени суштината на дејствување. Главниот фокус да се насочи кон конкретно подобрување на состојбите со цел да има поздрава животна средина во Тетово, вели Џафери.

„Да видите колку пријави има еко-репортот на Општина Тетово. Не само што не се решени, туку немаат добиено и одговор од страна на општинските администратори. Сметаме дека Општината функционира како невладина организација што организира концерти и културни настани, додека невладините треба да излезат со мерки и препораки со ваков голем проблем каков што е загадувањето. И затоа мислиме дека не е сериозно од нивна страна така да се однесуваат“, истакна Аријанит Џафери.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи вели дека со повеќето планирани општински проекти во текот на 2018 локалната самоуправа ќе влијае кон тоа да се создадат услови да има почист воздух.

„Во однос на аерозагадувањето предвидени се повеќе мерки во однос на училиштата и исто така во однос на проширување на мрежата на градски паркинзи и другите прашања кои сметаме дека имаат влијание на тоа. Меѓу другото сметаме дека на аерозагадувањето најголемо влијание ќе има фактот ако успееме со продолжување на Индустрискиот булевар да го намалиме колку што можеме влезот на повеќе автомобили во центарот на Тетово кои немаат или не им крајна дестинација градот Тетово кои во моментот мора да поминуваат тука и нормално носат повеќе загадување“, рече Арифи.

Во 2017 година од 365 дена воздухот бил загаден во 134 денови, а во 41 немало податоци. Светските здравствени стандарди предвидуваат во една календарска година да нема повеќе од 35 денови со загаден воздух, односно зголемено присуство на отровните пи-ем 10 честички.

Извор: Радио Слободна Европа


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top