ЗАДОЛЖУВАЊЕ:Кои се најголемите владини кредитори!

Приватните пензиски фондови, убедливо, станаа најголемите владини кредитори на домашниот финансиски пазар.

Сумираните податоци за 2017 година покажуваат дека токму приватните пензиски друштва учествуваат и со најголем апсолутен износ и со највисок процент во структурата на откупените државни хартии од вредност.

Така, заклучно со крајот на декември, по основ на недоспеани државни записи, Владата на пензиските друштва им должи 558,5 милиони евра или уделот на оваа сума во вкупната по основ на домашни хартии од вредност изнесува 37,1%. Зад пензиските фондови, како втори по големина владини кредитори се банките кои откупила хартии од вредност во износ од 543 милиони евра со удел од 36%. На трето место се кредиторите од категоријата “друго“ додека на четврто се осигурителните друштва на кои државата по основ на хартии од вредност им должи 109,5 милиони евра.

На крајот од 2017 година вкупниот внатрешен долг на државата изнесувал 1 милијарда и 505 милиони евра и во споредба со декември 2016 година, (кога внатрешното задолжување изнесувало 1 милијарда  и 323 милиони евра), долгот се зголемил за 182 милиони евра.

Со неодамнешното задолжува преку Еврообрзница во износ од половина милијарда евра, од Владата најавија дека ќе забави задолжувањето од домашните кредитори.

“Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал или преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти. Притоа, изборот на конкретен извор за надворешно финансирање ќе се темели на тековните и очекуваните состојби на меѓународните пазари на капитал. Понатаму, со задолжување на домашен пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги релативно ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите на домашниот пазар за државни хартиии од вредност“ – е наведено во Буџетот за 2018 година.

Податоците од Министерството за финансии покажуваат дека за една година, повеќе од двојно се зголеми долгорочниот  долг, односно во декември 2016 година уделот  на 15 годишните обврзници во вкупниот внатрешен долг изнесувал 11,7% а на карјот од 2017 година се зголемил на 24,1%. Токму овии државни хартии од вредност имаат и најголем удел во вкупниот внатрешен долг. Токму за годинава Владата најави дека ќе ја зголеми рочноста на државните хартии од вредност.  За отплата на доспеани обврски по основ на домашно и странско задолжување ќе се потрошат 368 милиони евра. 



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top