Заѕвони телефонот на релација Скопје-Атина!!

Конечно заѕвони телефонот на релација Скопје-Атина..

Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран  Заев и Алексис Ципрас денеска попладне телефонски разговарале еден час. Но, кој кому му се јавил и што точно си кажале, никој не открива. Нема детали ниту во кусото владино соопштение. Единствено се знае дека утре  ќе се слушнат пак.

Претходно денеска, премиерот изјави дека многу брзо ќе биде постигнато решение за спорот и дека тоа би можело да се случи пред Самитот на ЕУ закажан од 25  и 29 јуни.

Тоа, рече Заев, би бил договор најпрвин меѓу премиерите, па меѓу министрите за надворешни работи, а дури потоа ќе бидат информирани претседателот на државата, шефот на опозицијата, другите политички лидери и граѓаните.Конечната одлука ќе биде донесена на референдум.Негираше дека процесот се одолговлече поради дополнителни барања од грчката страна.

Премиерот остави можност и поради договорот да го одложи најавеното патување во Германија, утре и задутре. Од грчката опозиција, пак,  побараа Ципрас итно да го извести парламентот за последните случувања во разговорите за името.

Грчкиот  министер без ресор, Алекос Флабурарис, ги  повика коалиционите партнери во владата да не го спречуваат решението, за кое вели дека ќе се постигне многу брзо. Изјави дека се работи за „сложено име за внатрешна и надворешна употреба, со отстранување на иредентистичките претензии и промена на Уставот на соседната земја„.

Грчките медиуми шпекулираат и дека во договорот е речиси сè затворено, со исклучок на договорениот распоред. Најавуваат еден вид на меморандум што ќе го продолжи спроведувањето на договорот во период од околу две години, за да се обезбедат заштитни мерки за исполнување на сите обврски што треба да ги преземе Македонија.

Извор: Телма


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top