Заев го обвини Мицкоски дека ја попречува евро-интеграцијата на земјава и го штити криминалот во неговата партија

Откажувањето на лидерската средба, според премиерот Зоран Заев, се должи поради неучеството на ВМРО-ДПМНЕ..

Премиерот додаде дека тврдоглавоста на Христијан Мицкоски докажува дека тој е против интеграцијата на земјава и оти се обидува по секоја цена да го брани криминалот во партијата. Заев изрази подготвеност таква лидерска средба да се одржи и кај претседателот Пендаровски.

ДУИ проценува дека без опозицијата средбата не би имала епилог. Бујар Османи вели дека новиот владин предлог за судбината на СЈО ги обврзува сите субјекти да се ангажираат за консензус.

„Не мислам дека лидерските средби треба да се претворат во спектакли само за тие да се сретнат. Тие веројатно се неформална платформа, но досега беа успешни и нивниот кредибилитет треба да се зачува. Отсуството на опозицијата ја оневозможи оваа средба. Сега кога имаме предлог, се создаваат услови за клучна дебата за една лидерска средба бидејќи досега разликите меѓу партиите беа многу големи“, рече Османи.

Алијансата за Албанците ја обвинува Владата за недостиг на капацитет за решавање на клучните прашања. Според оваа партија, со ова се докажува потребата од предвремени парламентарни избори.

„Ова е доказ повеќе дека меѓународниот фактор и САД преку нивните амбасади треба да бидат иницијатори на лидерски средби. Имавме план да го поставиме прашањето за предвремени избори, како и други прашања како што се Изборниот законик, да имаме систем со отворени изборни листи, попис на населението и предлог кој беше добро прифатен од јавноста, да имаме обвинител странец од државите на ЕУ на чело на СЈО“, изјави Флакрон Беџети, Алијанса за Албанците.

За закажаната средба за денес, премиерот Заев предложи како теми за дискусија да бидат Изборниот законик, Законот за јавно обвинителство и планираниот попис на населението догодина.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top