Заев: И Макрон жали што не добивме датум, се радуваат само Мицкоски и Груевски

Во ова време кога треба да носиме одлука како да продолжиме понатаму, сите земји, сите европски лидери, ама сите, вклучително и претседателот Макрон, жалат за историската грешка. Сите до еден, и верувам ќе ја исправат грешката час поскоро, рече Заев..

Премиерот Зоран Заев дека само претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и, како што кажа, неговиот ментор Груевски се радувале на таа грешка.

-И додека прават тајни пактови и сценарија со трети страни, тврдат и веруваат дека Македонија ќе ја носеле на брза лента. Каде беше таа брза лента 11 години. Тие 11 години не беа пред сто години, беа пред 2,5 години 11-те години нивно владеење. Каде е или им беше расипана, или им беше на бавно ставена. Па на најбавно да им беше ставена за 11 години досега ќе бевме и членка на ЕУ и членка на НАТО, рече  Заев.

Според него во годините на владеење на ВМРО ДПМНЕ функционирала брзата лента како парите од народот да ги ставеле во својот џеб и само таа била брзата лента која ја имале.

-Кај Струмица, горе на „баирот“–ридот, струмичани едно место го викаат „Двата пата“. И во животот и во семејството и во општината и во државата и секој граѓанин има многу патипта пред себе, но само еден е вистинскиот, друг нема. Алтернативниот пат во ова време за нас е кавги повторно дома, повторно кавги меѓу Македонци, Албанци и другите етнички заедници. Тој пат ни треба да го фатиме? Или овој пат кој што денеска го одиме, кога никој не зборува за меѓуетнички конфликти. Сите зборуваат за едно општество за сите, сите зборуваат за еднакви граѓани, сите зборуваат за еднакви права и обврски. Ако си ја сакаме земјата знаеме кој пат треба да го фатиме. Зарем треба да го избереме патот за кавги со сите соседи, со сите бевме скарани, цел свет ни беше виновен-тој пат треба да го избереме или патот на пријателството и подадената рака, патот на добриот дух, патот на меѓусебно помагање, отворање перспективи за децата и младите, патот кога сите зборуваат за нас, потенцираше Заев.

Лидерот на владечката партија рече дека понудата од Мицкоски е „нула“ и затоа не му поминувале лагите. Го повика до дојде во Струмица и да види „предавникот“ Заев, кој го продал Цар Самоил, а во Градскиот парк е неговиот споменик изграден од пари на граѓаните на Струмица, па до дојде да го види споменикот на Бежанците и да види други споменици и да слушне за други настани со кои се афирмарала нашата држава.

-Вистински патриот е тој што си ја почитува својата историја, си ја вреднува и си ја чува, но гледа напред, ја користи за во иднината. Затоа што нема поважно од иднината на нашите деца и плус има пари за се во државата. Затоа има вистинска опција за овие избори-ако сме вистински патриоти, ако си ги сакаме своите деца и водиме грижа за нашата земја, нема да дозволиме земјата наша да скршне од правиот пат. Доста ни беа сокаци и криви патишта, подвлече Заев.

Се осврна и на сите мерки кои досега ги реализираше владата и вети натамошно зголемување на платите во повеќе сектори со цел доколку народот е економски силен, тогаш и државата е силна и парите се враќаат кај граѓаните.

Во своето обраќање Заев беше и самокритичен и рече дека до крај не се реализирани некои ветувања и можеби како што рече „не се сјајна власт и можеби некои функционери се дрски и безобразни, но проблемите се решаваат и се обезбедени пари за се“.

На трибината се обрати и министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека до крајот на годината во Струмица ќе биде отворен новиот крак на болницата, а министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски потенцираше дека во мандатот на оваа влада земјоделците имаат највисоки откупни цени и субвенициите им се исплаќаат навремено.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top