Заев и Вучиќ со заедничко соопштение: Сите недоразбирања ќе ги решаваат по пат на дијалог

Претседател на Владата на Република Македонија Зоран Заев и претседателот на Република Србија Александар Вучиќ со заедничко соопштение до јавноста.

Претседател на Владата на Република Македонија Зоран Заев и претседателот на Република Србија Александар Вучиќ со заедничко соопштение до јавноста по телефонскиот разговор кој го имале денеска. Од Владата велат дека во долг разговор ги разгледале сите аспекти на новонастанатата ситуација во рамките на односите меѓу двете држави и постигнале взаемна согласност за следниве работи:

  1. Република Македонија и Република Србија, сите евентуални недоразбирања во меѓусебните односи ќе ги решаваат исклучиво по пат на дијалог.
  2. Без разлика на различните политички ставови во однос на одредени важни политички и регионални прашања, Македонија и Србија заедно ќе се борат за сочувување, но и за унапредување на пријателските релации на македонскиот и српскиот народ, како и граѓаните на Македонија и Србија.
  3. Република Македонија и Република Србија ќе вложат уште поголеми напори за понатамошно унапредување на економските релации и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
  4. Република Македонија и Република Србија, во согласност со прописите на меѓународното јавно право, и на добра волја и пријателска основа ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија.

„Република Македонија и Република Србија ќе ја интензивираат меѓусебната комуникација на највисоко ниво и ќе си дадат взаемна поддршка една на друга на патот кон ЕУ и во зајакнување на добрососедските односи, што ќе придонесе кон стабилност на регионот“, стои во соопштението.

Фокус


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top