Заев: Не му простувам на Мицкоски што партиски ги дели лекарите

На предизборната трибина на СДСМ во Куманово, лидерот на партијата, Зоран Заев, говореше за важноста и пожртвуваноста на здравствените работници во време на Ковид кризата..

„Ќе се посветиме на унапредување на здравствениот систем- Стоп Ковид 19. ВМРО ДПМНЕ се изживуваше врз медицинските работници и министерот, ниту еднаш не направија еден конструктивен чекор, не излегоа да помогнат со нешто. Само политички калкулации гледавме од нивна страна во екот на пандемијата, ништо друго. Јас можам да му простам на Мицкоски што мене ме обвини за корона вирусот за да не можел да прави митинзи. Да, јас ја измислив короната за да се откаже Олимпијадата во Токио и Евровизија. Но, никогаш нема да му простам што лекарите ги дели по партиска основа.“- Заев изрази разочарување за односот на Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ кон здравствената криза.

Тој потсети дека владата на СДСМ реконструирала 34 здравствени институции, платите на специјалистите ги зголемила за 40 отсто, исто како и на многу категории здравствени работници. „Лекарите и медицинскиот персонал деноноќно се на работа, максимално посветени да го спасат нашето здравје и нашите животи. Тоа ќе продолжат да го прават и во иднина, затоа нема да дозволам некој да си поигрува со нив и да ги оцрнува политички.“- порача Заев од претставувањето на Оливер Спасовски и Сања Лукаревска како носители на листата во ИЕ 2.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top