Заев: Ова е остварување на целта на Преспанскиот договор, разговараме за економија, инвестиции, нови работни места

Премиерот Заев за остварените средби со грчкиот врв во интервју за МИА, истакнува дека ова е остварување на целта за постигнувањето на договорите..

Потенцира дека се разговарало за бизнис, за економија, за инвестиции, за нови работни места, раст на бруто домашниот производ кај нас, извоз, нови технологии, искуство кое што го имаат вакви европски земји, кои ни се соседи, како што е Грција.

– Денеска сум овде, веројатно после 20 години македонски премиер во Атина. Разговараме за бизнис, за економија, за соработка, за инвестиции, за нови работни места, раст на бруто домашниот производ кај нас, извоз, нови технологии, искуство кое што го имаат вакви европски земји, кои ни се соседи, како што е Грција и слично и можам да кажам дека ова е афирмирано, не само преку бизнисмените со кои што се сретнавме, туку со лидерството на Република Грција, истакна Заев.

Тој нагласува дека Грција и досега е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија и трет најголем инвеститор, но потенцијалите, според наша проценки се 30-40 отсто искористени до сега.

 – Сега ова што го отвораме како можност е директно, преку договорот за избегнување на двојното оданочување, договорот за заштита на инвестициите, сите други економски договори кои што нашата земјата ги немала со својот сосед. И во едни такви околности, верувам дека отвораме едно покомплетно насочување на прилив на странски капитал во Република Северна Македонија. Тоа за мене е ново домашно производство, нови работни места, нов извоз од тоа што ќе се прави, надокнадувајќи го целото ова, голема работа направивме за пренесување на искуството од дигиталната економија.

Заев вели дека е договорена втората меѓувладина седница.

– Првата ја одржавме во Скопје, кога беа Ципрас и таа Влада. Сега веќе втората ја организираме во Атина, каде што треба дотогаш да го потпишеме договорот за избегнување на двојното оданочување, кој што отвора огромен фронт за грчки инвестиции, за мултинационални компании со грчко потекло и секако со дел од капиталот американски, светски и слично, кои што имаат интерес во нашата земја.

Заев потенцира дека инвестициите од грчки капитал ќе се слеат во Северна Македонија и додава дека тоа го потврдуваат сите бизнисмени без разлика дали е од областа на енергетиката, земјоделството, лесната индустрија туризмот и која било од дејностите.

 – Огромен е интересот. Самото пријателство си ја направи својата атмосфера, вели премиерот Зоран Заев во интервјуто за МИА.

Заев на покана од „Економист“ учествуваше на „24-та тркалезна маса со грчката Влада“ во Атина и оствари средби со претседателката на Грција, со лидерот на опозициската СИРИЗА Ципрас и со Премиерот на Грција Мицотакис.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top