Заев побара од Бишоп признавање на Република Македонија под уставното име

Се надевам во иднина да ја подобриме соработката, затоа што владите се тука да им помагаат на граѓаните, рекол премиерот Заев на средбата..

Бројната македонска дијаспора во Австралија налага интензивирање на соработката меѓу двете земји, истакнале на денешната средба во Скопје македонскиот премиер Зоран Заев и министерката за надворешни работи на Австралија Џули Бишоп.

– Премиерот Заев ги претстави пред министерката Бишоп првите 40 амбициозни денови од формирањето на Владата, потенцирајќи ги двете стратешки цели на Владата, членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Премиерот ги подвлече блиските односи помеѓу двете земји најмногу поради бројната дијаспора која Македонија ја има во Австралија, соопшти владината служба за информирање.

 Се надевам во иднина да ја подобриме соработката, затоа што владите се тука да им помагаат на граѓаните, рекол премиерот Заев на средбата.

Пред министерката за надворешни работи го покренал и  прашањето за отворање на конзулат на Австралија во земјава, кој, како што рекол, би им било од голема полза на нашите иселеници и на нивните семејства тука. – Тој исто така упати апел до министерката Бишоп, австралиската Влада уште еднаш да ја разгледа можноста да ја признае Република Македонија под уставното име, се вели во соопштението.

Честитајки му го изборот за премиер министерката Бишоп рекла дека посетата на Македонија ја убедила дека новата Влада врти нова страница за да испише ново поглавје во односите меѓу двете земји.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top