Заев: Сакам да им порачам на критичарите - пријателството и соработката со Бугарија се искрени

Немајте дилема – пријателството меѓу Македонија и Бугарија е искрено..

Заедно ќе го славиме и чествуваме нашето минато и на темелите на тоа минато ќе продолжиме да ја градиме нашата заедничка иднина. Заедно ќе бидеме како едно семејство во заедништво со сојузниците од Европската Унија и НАТО, порача премиерот Зоран Заев на социјалната мрежа ,,Фејсбук”. Тој во статус објавен утринава ја коментираше дебата која што се отвори деновиве во Бугарија околу односите на двете земји.

,,Гледам во пријателска Бугарија се отвори јавна дебата и се постави дури и прашањето за тоа дали ние двете земји и двата народи градиме искрено пријателство и соработка.Сакам да им порачам на сите граѓани, дури и на критичарите во Македонија и во Бугарија, да немаат дилема дека пријателството и соработката се искрени.

Ние повеќе од една година чествуваме заеднички делови од историјата меѓу двата народи, неколку пати заедно одбележуваме историски настани. Јас сум првиот премиер на Македонија што во Бугарија (Благоевград) се поклони пред споменикот на Гоце Делчев при заедничкото одбележување на празникот. Претходно мојот пријател, господинот Борисов, беше прв бугарски премиер кој се поклони пред гробот на Гоце Делчев во Македонија (Скопје) при заедничкото одбележување на празникот. Заедно двајцата претседатели на влади се поклонивме и пред споменикот на Цар Самоил во Софија. Заедно во Рим, во Ватикан оваа година ги славевме Светите браќа Кирил и Методиј, заедничките сесловенски просветители. Премиерот Борисов дојде во Скопје специјално да се поклони пред споменикот на Холокаустот на Евреите”, вели Заев.

Тој во статусот им се обраќа на гражаните на Република Бугарија. ,,Драги пријатели и браќа од Бугарија, верувајте, искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство.

Зарем можеме да заборавиме како премиерот Борисов и министерката Захариева се бореа за Македонија во Министерскиот Совет на ЕУ и во Советот на Европа, за Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ? Се бореа како што се борат за својата земја.Зарем можеме да се правиме слепи и глуви кога гледаме и слушаме се што Бугарија направи и успеа во тоа да и помогне на Македонија за добивање на поканата за членство во НАТО? Зарем цела Европа не виде како Бугарија помага за Македонија и Западниот Балкан да се приближат кон Европската Унија?

Никогаш нема да го заборавиме тоа пријателство кое е докажано на дело. Ние сме благодарни и многу го почитуваме тоа. Затоа заедно ќе го славиме и чествуваме нашето минато и на темелите на тоа минато ќе продолжиме да ја градиме нашата заедничка иднина. Заедно ќе бидеме како едно семејство во заедништво со сојузниците од Европската Унија и НАТО”, порачува премиерот Заев.

Препукувања меѓу власта и опозицијата во Бугарија предизвика премиерот Зоран Заев, по неговата изјава за време на празникот Илинден кога заедно со бугарскиот премиер, Бојко Борисов, положија цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Благоевград.

Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, одговори на повиците на претседателката на бугарската опозициска партија БСП, Корнелија Нинова, која побара од Борисов да реагира на изјавата дадена од Заев во која тој вели дека Илинденското востание е македонско.

Захариева возврати дека нема да прифати совети од партијата која ги предаде коските на Гоце Делчев на Титова Југославија. „Во врска со прозивките на Нинова до премиерот итно да ги одбрани бугарските национални интереси од премиерот на Македонија, Зоран Заев, кој ги тестираше кревките темели на доброто соседство. Да, Илинденското востание географски може да се рече дека е македонско и тракијско, но историски е бугарско. Госпоѓо Нинова бидете мирни, Владата ги штити нашите национални интереси“, порача таа.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top