Заев сеуште без поддршка од Касами, договорена нова средба

БЕСА и Алијанса на Албанците на почетокот ги поддржаа уставните измени и истовремено условија со амадмани со кои се бара воведување на албанскиот јазик како официјален на целата територија на државата..

Премиерот Зоран Заев и претседателот на партијата „БЕСА“ Билал Касами не ги испеглаа разликите во ставовите на нивната прва средба пред стартот на финалната фаза на измените на уставот. БЕСА останува на своите барања преточени во амандмани со кои ја условува поддршката на уставните измени и гласовите на петмиата пратеници во Собранието.

Заев и Касами договорија уште една средба, најдоцна до вторник, ден пред стартот на последната фаза од уставните измени и тоа на ниво на работни групи. На средбата ќе се разгледуваат барањата на БЕСАи тогаш конечно ќе се знае дали БЕСА ќе гласа за измените на Уставот.

„ Двајцата претседатели разговараа за барањата на "Беса" во позитивна и пријателска атмосфера, при што се разговараше за причините и за содржината на самите барања. На средбата е договорено да се одржи уште еден состанок најдоцна до вторник, на работна група составена од претставник од Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, како овластен предлагач на уставните амандмани и на уставниот закон, и претставници од раководството и пратениците од "Беса" на господинот Касами, за да се разгледаат детално предлозите и да се дефинираат конечните позиции“, стои во соопштението од Кабинетот на премиерот.

Од Владата најавија дека како и денеска нема да има заеднички изјави и новинарски прашања а јавноста ќе биде известена повторно преку соопштение.

Ставот на БЕСА е дека тие се за влез во НАТО и ЕУ но за да ги имаат гласовите на нивните пратеници, Владата и Собранието мора да прифати измени и во самиот Устав и преамбулата. Партијата бара, покрај официјализирање на албанскиот јазик како официјален на целата територија на Македонија,зборот македонско во делот за државјанството да се замени со зборот граѓани и место “македонско/граѓанин на Република Северна Македонија” да стои само граѓанин на Република Северна Македонија.

Премиерот Заев го чека уште една средба, со претседателот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села. Села отворено ја критикуваше работата на Владата а амнестијата за настаните до 27 април, каде Села беше брутално нападнат и претепан, дополнително ја усложни ситуацијата.

Амандманите на Алијанса на Албанцитесе слични на оние на БЕСА. Тие бараат албанскиот јазик и неговото писмо да се употребуваат на целата територија на државата а зборовите „македонскиот народ“ да се заменат со „граѓани“, за да се истакне мултиетничкиот карактер на државата.

Наредната среда во Собранието почнува финалната фаза на процесот за измена на Уставот. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува во расправите и гласањето и затоа се поизвесно е дека целиот процес ќе заврши до крајот на идната недела и со тоа ќе се отвори пат за како што е најавено гласањето за уставните измени да се одржи на седница на Собранието која ќе биде закажана на 15 јануари.

Според законските прописи и процедури за промена на Уставот потребно е двотретинско мнозинство од најмалку 80 гласа но и Бадинтерова поддршка.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top