Заев, Шекеринска и Димитров си заминаа од Самитот во Лондон без амбасадор во НАТО

Самитот на НАТО во Лондон заврши синоќа, а Македонија, иако седна на иста маса како 30. членка, се уште не назначи свој амбасадор во седиштето во Брисел..

Пред повеќе од една недела медиумите добија уверување дека до самитот на НАТО во Лондон на 3 и 4 декември ќе се знаат новиот амабасадор и новиот воен претставник на Македонија во Алијансата, но засега и понатаму нема име кое би можело да исплива на површината.

– Макеоднија до самитот на НАТО ќе има избран свој воен претставник во Алијансата. Нашите мисии се зајакнуваат – и во дипломатскиот и во одбранбениот дел. До крајот на годината се очекува да имаме и нови простории за нашата мисија, рече Шекеринска по средбата со шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, полковник Зоран Јанковиќ.

Министерот Димитров во претходните денови имаше исти очекувања да биде завршена работата и околу назначувањето на дипломатскиот претставник во НАТО.

– Тоа ќе биде човек со искуство и со политичка тежина кој достојно ќе преставува во НАТО. Ако по 25 години сме на чекор пред влез во НАТО, ќе биде крајно несериозно ако политичките фактори кои учествуваат во постапката за именување амбасадори не успеат да го обезбедат тоа. Ќе биде исклучително лош сигнал ако полноправното членство го дочекаме со вршител на должност, истакна Димитров, сепак, изразувајќи увереност дека во наредните денови ќе биде назначен амбасадор во Алијансата.

Со пораки за поддршка и срдечно добредојде за Македонија, во Лондон заврши НАТО самитот, на кој прв пат земјата рамноправно учествуваше со својата македонска делегација предводена од премиерот Зоран Заев, следен од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, како и од Шекеринска и Димитров.

По глобалниот собир, кој мина во сенка на меѓусебните препирки на светските лидери, Заев изјави дека добил уверување дека Македонија кон почетокот на следната година ќе стане полноправно членка со ратификувањето на пристапниот протокол во шпанскиот парламент.

Кандидат за амбасадор во НАТО треба да биде ставен на дневен ред на владина седница, а потоа следува процедурата за негово именување преку постапка во МНР, која потоа продолжува кај претседателот на Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски засега донел одлука за поставување воен претставник за НАТО и ЕУ во Канцеларијата на воената мисија на Македонија во седиштето на НАТО и ЕУ во Брисел, но името се уште не се обелоденува додека трае процедурата.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top