Заев во ниту еден момент не ги доведе во врска заканите со атентат со Русија, велат од Владата

Изјавата на премиерот Зоран Заев за црногорискиот медиум се темели на искуствата од регионот и на реакциите на Руската Федерација при зачленувањето на други земји од регионот во НАТО, стои во соопштението на Владата по денешните реакции на Москвa.

„Во интервјуто за црногорскиот медиум, претседателот на Владата, Зоран Заев, во ниту еден момент не ги доведува укажувањата за ликвидација кон него во било каква релација со Руската Федерација. Владата на Република Македонија останува целосно на заложбите за реализација на нашите евро-атлантски стремежи и не гледа судир на тие заложби со определбата да ги одржиме добрите односи и со Руската Федерација“, стои во соопштението.

Во него се наведува дека стратешка определба и интерес на Македонија е членството во НАТО-алијансата и во Европската Унија и дека во исто време Владата на Република Македонија е сериозно посветена и кон градење пријателски односи и соработка со Руската Федерација на принципиелно демократско ниво.

Заев за црногорското радио „Антена-М“ изјави дека очекува жестока реакција од Русија кога ќе дојде време за прием на Македонија во НАТО, а збoрувајќи во контекст на црногорското искуство, рече дека некои безбедносни аналитичари му кажале дека му е загрозена безбедноста и дека е потенцијална мета на атентат.

На изјавата на Заев денеска реагираше и руската амбасада, а темата се најде и на редовниот брифинг на портпаролката на Руското министерството за надворешни работи, Марија Захарова, која рече дека „ваквите изјави не само што претставуваат неосновани инсинуации и манијакални конструкции, туку во суштината наликуваат на обиди за само-прикажување како жртва“.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top