Заев: Во Скопје ќе воведеме електричен трамвај од 100 милиони евра

Во Скопје ќе се воведе електричен трамвај на гуми кој ќе чини 100 милиони евра, кажа денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев го праша Заев дали и по три години власт сѐ уште мисли дека неговата партија е виновна за проблемот со загадувањето.

„Скопје деновиве е европски шампион во загадување. До која фаза ви е гасификацијата каде е новиот современ јавен превоз во Скопје, гасификацијата на болницата во Чаир и студентскиот дом Кузман Јосифовски-Питу, зошто субвенциите за инвертерите доцнат. Доста е веќе од вашите одговори кои почнуваат со ’ќе‘“, рече Данев.

Премиерот Зоран Заев кажа дека жали што прашањето за загадувањето се отворило и на него се работи последниве 2 години.

„За гасификацијата ништо не беше направено од претходната власт. 83 отсто од предвидените работи за гасификацијата се завршени, сите општините добија налог да направат проекти и модел според кој ќе стигне гасот до граѓаните. Во 2020 година секундарната и терцијарната мрежа ќе почне да се гради во поголемите општини. Со Град Скопје ќе влеземе во воведување електричен трамвај на гуми за што се потребни 100 милиони евра. Ќе подигнеме кредитна линија за да можеме да воведеме еколошки превоз како мерка против загадувањето“, рече Заев.

Тој кажа дека формиран е владин тим кој е во координација со МВР и сите инспекторати за справување со пожарите на отворено.

„15 милиони евра се обезбедени за борбата против загадувањето. Тоа и тоа како е поразлично од она што се случуваше пред 3 години“, додаде Заев.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top