Заев за договорот со Бугарија: Нема веќе бугарски фашистички окупатор во учебниците

Во учебниците по историја во Македонија повеќе не се користи терминот „бугарски фашистички окупатор“..

Ова во интервју за бугарската национална телевизија го изјави премиерот Зоран Заев, кој вели дека во духот на пријателството доколку во некој учебник останал овој термин, истиот ќе биде отстранет. Заев во интервјуто вели дека со овој договор Македонија добива многу, а не губи ништо.

„Модерните учебници, модерната историја во Македонија пишува само за фашизмот, не пишува за нациите, како фашисти, окупатори или слично. Дали велите дека тоа ќе биде отстрането од учебниците и нема да стои во нив? Јас верувам дека и веќе нема, секако ако има во духот на пријателството ова мора да биде исправено“, истакна Заев.

Премиерот во интервјуто открива дека до крајот на годината Договорот за добрососедство од Владата ќе биде испратен до Собранието, на ратификација. Нешто што бугарската влада го направи пред една седмица и документот го испрати во законодавниот дом во Софија на гласање.

Од друга страна, промени во учебниците по историја бара и Грција, односно ревизија на одредени сегменти кои тие сметаат дека погрешно се интерпретираат во Македонија.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров пред извесен период истакна дека и Грција е подготвена да ги отвори своите учебници. Димитров вели дека засега не станало збор за формирање заеднични комитет со Грција кој ќе ги ревидира учебниците, туку само за средба на историчари од двете земји.

„Можно е министерот да има план ова да го предложи. Македонија во 2007-ма година и јас лично во тоа време во својство на преговарач за разликите околу името, во еден поширок контекст на предлог мерки на градење доверба, предложив формирање на комисија налик на ова за кое што зборува колегата Коѕијас, така што ние во принцип немаме нешто против, тогаш беше друг претседател, имавме друга влада и така натаму, и апсолутно сме спремни да разгледаме таков предлог, меѓутоа тоа што е договорено е средба“, изјави Димитров.

Дали македонската и грчката влада ќе најдат заеднички јазик за ова, но и низа други прашања кои би резултирале со решавање на спорот останува да видиме, но вицепремиерот Бујар Османи во ексклузивна изјава за ТВ 21 пред неколку денови изјави дека во 2018-та Македонија има златна шанса која не смее да ја пропушти бидејќи потоа земјата ќе влезе во еден маѓепсан круг од кој е многу тешко да се излезе.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top