ЖАЛНА ВЕСТ: Во Мелбурн почина модната дизајнерка Жанета Филиповска

Македонската заедница во Мелбурн изгуби уште една позната, благородна и хумана личност..

Вчера во педесетата година од животот во Мелбурн, Австралија по двегодишна борба со ракот на градите почина Жанета Филиповска.

Жанета беше позната модна дизјанерка и голема хуманистка, основач на битолското женско здружение ,,Штикла’’ кое во повеќе наврати организираше хуманитарни акции во Мелбурн, Австралија, и донираше на загрозени групи на граѓани во Македонија.

Блиски пријатели и соработници на дизајнерката се во шок од нејзиното прерано заминување.

Жанета својата кариера како моден дизајнер ја започна пред околу триесет години кога пристигна во Австралија и со нејзиниот талент и посветеноста на работата многу бргу успеа да  стане бренд препознатлив и баран во Австралија House of Zsana.

Жанета Филиопвска има учествувано во голем број на емисии посветени на модата, а исто така има дизјанирано фустани за многу ТВ серии, како и за разни проекти. 

Многу водителки и актерки се појавуваат во нејзините креации и секако тоа доволно говори за квалитетот и модерниот стил. 

Модните креации на Жанета беа дел и од модните писти за избор на мис. Така Македонкста Кели Козарис претставничка на „MISS GLOBE 2015“ носеше креација на Жанета Филиповска. Фустанот беше дизнајниран со шеснаесеткракото сонце од (Кутлеш) националното знаме на Македонците од целиот свет.

Но тоа не е се, претставничката од Австралија на „MISS UNIVERSE 2015“  Моника Радуловиќ носеше креации на Жанета Филиповска и истите влегоа во топ 10 најубави вечерни тоалети.

Таа често учествуваше и во хуманитарни модни ревии, а нејзиниот црвен фустан, кој беше презентиран на една од хуманитарните ревии, потоа беше користен во позната театарска претстава и стана еден вид на знак на препознавање на нејзината работа.

Честопати наградувана за својата работа и хуманост од разноразни престижни организации и асоцијации.

Оваа година по повод Меѓународниот ден на жената беше прогласена за Македонка на годината во Мелбурн.

Жанета беше добра и посветена мајка на две прекрасни деца, ќерката Јулија и синот Деан и одана и прекрасна сопруга на Сашо Филиповски.

Ќерката Јулија често беше дел од модните ревии на својата мајка како модел.

Модниот свет изгуби една навистина голема личност, но Македонската Заедница од Австралија изгуби не само модна икона туку и една благородна и хумана личност достојна за секоја почит.

На 18 ти Април, вторник во Соборниот храм „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Сиднам ќе се изврши опело, а во 1:00 часот попладне во гробиштата „Keilor East“ ќе биде закопот.

Почивај во мир Жанета! 

Погледнете фотографии од нејзината кариера



Copyright 2016 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top