Запрено тестирањето на вакцината на Астра Зенека и универзитетот во Оксфорд откако еден од учесниците се разболел

Доцната фаза од клиничката проба на вакцината за Ковид 19, која ја развиваат Астра Зенека и универзитетот Оксфорд привремено беше запрена, откако компанијата соопшти дека ќе истражува дали болеста која се појавила кај еден од учесниците претставува непосак.

Во соопштението објавено доцна синоќа, компанијата соопшти дека ќе биде направена анализа на податоците добиени од досегашниот тек на тестирањето.

Астра Зенека не откри повеќе информации за можниот непосакуван ефект, освен што го опиша како потенцијално необјаснива болест. Овој случај се појавил во Обединетото Кралство, но одлуката за паузирање на вакцинациите се однесува на тестирањата кои се вршат и во САД и другите држави.

Минатиот месец, Астра Зенека започна да регрутира 30 000 луѓе во САД за својата најголемата фаза од тестирањето.

Вакцината која е подготвена во лабораториите на универзитетот Оксфорд се дава и на илјадници луѓе во Британија како и на помал број државјани на Бразил и Јужна Африка .

Одлуката за запирање на тестирањето следува на истиот ден откако Астра Зенека и уште 8 други фармацевстки компании заеднички објавија неочекувано соопштение, во кое ветуваат дека ќе применуваат највисоки етички и научни стандарди во развивањето на своите вакцини.

Соопштението е резултат на стравувањето дека американскиот претседател, Доналд Трамп, ќе изврши притисок врз администрацијата за храна и лекови на САД, да одобри вакцината пред да биде докажано дека е безбедна и ефективна.

Соединетите држави досега инвестираа милијарди долари во напорите за брзо истовремено развивање на повеќе вакцини против Ковид 19. Но, евентуалната паника во јавноста дека вакцините не се безбедни и ефикасни би претставувала вистинска катастрофа, загрозувајќи ги напорите за вакцинација на милиони американци.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top