Завршен тренинг на кошаркарската репрезентација пред ЕП во Словенија

Груевски им посака среќа на македонските репрезентативци..

Кошаркарската репрезентација на Македонија вчера во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ имаше завршен тренинг пред поаѓањето во Словенија за Европското првенство што почнува на 4 септември. Покрај публика на трибините, нив дојде да ги испрати и премиерот Никола Груевски со  желби да постигнат добри резултати.

Во оваа пригода тој имаше и две пораки за навивачите - дека секогаш треба да ги бодрат спортистите, репрезентативците и клубовите од Македонија, без оглед против кого играат и каков е резултатот. Рече дека стадионите и спортските сали треба да бидат полни на секој натпревар, не само кога на гости доаѓа познат тим.

- Кога доаѓа тим кој е многу познат во светот, нашите стадиони или сали се полни. Кога доаѓа тим или репрезентација што не е многу позната, не е меѓу првите 10-15, нашите стадиони или сали се празни или се со многу малку народ. Прашањето е за кого ние одиме на стадиони? За гостинот или за да ги бодриме нашите репрезентативци, нашите клубови. Ако некој се загледа што се случува на натпреварите во Европа, ќе види дека Македонија каде и да оди, независно што е 70-та, 80-та или 90-та на ранг-листа во фудбал, стадионите се полни, не за да ја гледаат Македонија, туку за да ги поддржат нивните навивачи, нивните играчи, нивната репрезентација. Тоа треба да биде поука и за нас, порача Груевски.

Втората порака до навивачите од премиерот е да не престануваат да ја охрабруваат домашната екипа и тогаш кога губи, зашто со депресија повеќе и одмага.

- Кога губиме, на пример, во 60-та минута во фудбал, тогаш им треба бодрење. Затоа е публиката, кога им е најтешко да им даде поддршка и сила, да ги бодри, да видат дека некој верува во нив, ги поттикнува и стои зад нив. Токму тогаш нашата публиката паѓа во таква депресија, што или молчи, или дури и ги исвиркува нашите, што дополнително ги демотивира, рече Груевски.

Додаде и дека не е добро кога спортот се меша со политиката и  кога дел од натпреварите се меѓуетнички тензии и вербални пресметки.

- Тоа не е добро и никој не може да го поддржи. Повикувам тоа да не се случува и да бидеме единствени кога ја бодриме нашата репрезентација или нашите клубови. Спортот да не го мешаме со политиката или со политичките настани. Владата подготвува измени на Законот за спорт, за зајакнување на мерките за спречување на такви појави и нови санкции за тие што го нарушуваат спортскиот дух на спортските натпревари, рече премиерот, кој нагласи дека спортот обединува, гради единство и ако тоа е цврсто и секој дава од себе, успесите доаѓаат.

Учеството на кошаркарите на Македонија на Европското првенство во Словенија е дел од прославата на Денот на независноста - 8 Септември, која годинава е во духот на спортот и ќе се одбележува една недела, симболично со мотото од навивачката песна „Седум дена сите на тераса“.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top