Заврши истрагата за смртта на Праљак: Долго време размислувал за самоубиство

Холандското обвинителство ја заврши истрагата за смртта на осудениот воен злосторник Слободан Праљак кој изврши самоубиство со пиење цијанид во судница во Хаг..

По инцидентот во судницата во Меѓународниот суд за поранешна Југославија, судот ја препушти истрагата за смртта на Праљак на холандското обвинителство.

Истрагата е завршена, но пак не покажа како и каде Праљак го добил цијанидот што го испи по изрекувањето на пресудата.

По неговото самоубиство се отвори сомнеж дека се извршени две казниви дела.

Првото се однесува на фактот дека цијанидот, отровот со кој се уби Праљак, според холандскиот зако за лекови е забранета супстанца. Истрагата покажа дека Праљак испил убиствена доза калиум-цијанид растворен во вода. Оваа супстанца не може да се набави така лесно, па се поставува прашањето како се дошло до дозата.

Другото сомнение се однесува на тоа дека Праљак имал помош од друго лице (или лица) во подготвувањето за самоубиството. За да се утврди тоа се бараа одговори како шишенцето со отров стигнало до судницата. Беа прегледани снимките од надзорните камери во судницата, беа преслушувани сведоци и беше извршен претрес на просториите во кои престојувал Праљак. Меѓутоа, не беа најдени показатели што би објасниле како и каде Праљак дошол до отровот.

На снимките од надзорните камери од затворот и од судницата не е забележано ништо. Не се гледа во ниту еден момент дека тој со себе го има шишенцето, ниту дека некој му го подава. На претресите извршени тој ден не било забележано ништо сомнително. На снимките од судницата не може да се види од каде го вади шишенцето.

Праљак пред судењето кратко време поминал во две простории каде нема видеонадзор: во веце и во просторијата за задржување, еден вид чекалница. Во претресот на овие две простории не било најдено ништо значајно.

Гледајќи наназад и врз основа на изјавите на сведоците, може да се заклучи дека Праљак некое време размислувал за самоубиство. Тој дал упатства неговите лични предмети да се спакуваат и да бидат испратени во Хрватска, а во неколку прилики се збогувал со одредени личности.

Сведоците тоа го објаснувале со тоа што казнената постапка што се водела против Праљак во неколку степени била при крај. По неговата смрт беше најдено проштално писмо во кое Праљак му пишува на семејството дека одамна донел одлука да си го одземе животот ако биде прогласен за виновен.

Не може да се исклучи веројатноста дека Праљак подолго време го поседувал отровот. Калиум-цијанидот може да се чува и во форма на прав и и најмала доза од отровот може да биде смртоносна.

„Кога гледаме од тој аспект, не е ни чудно што внесувањето и чувањето на таа материја поминале незабележано“, велат од обвинителството.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top