Завршни зборови за „Поткуп“, пресуда до крајот на мај

Со девет одлложувања и осум одржани судски рочишта денеска, со завршни зборови на обвинителството и одбраната, во Основниот суд Скопје 1 завршува судскиот процес „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев..

Обвинителството уште еднаш ќе се обиде да презентира докази, кои според него се клучни за да се докаже дека Заев е виновен за барање поткуп од 200.000 евра од струмичкиот бизнисмен Никола Николов Сачевалиев.

Главни докази на обвинителството беа сведочењето на Николов кој во текот на постапката рече дека Заев, како градоначалник на Струмица, прво му побарал 300 илјади па после 200 илјади евра за купување на 100.000 квадрати земјиште во Струмица како и тоа дека е точно дека го наведувал Заев да изговара реченици според инструкциите на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Обвинителството за организиран криминал.

– Обвинетиот го снимав на закажаната средба во кабинетот на Заев. Првин МВР ме спреми, па потоа отидов на средбата. Како ќе ми наредеше обвинителот, така правев. Откако ја имав таа опрема на себе, јас го терав Заев тој да го каже тоа што го има на снимката – сведочеше меѓу другото Николов.

Друг доказ што во текот на судењето го изведе обвинителството беше тајната снимка што ја направил Николов во разговорите со Заев а мал дел од неа излезе и во јавноста на Јутјуб каналот.

Адвокатите на Заев пак уште еднаш ќе ги презентираат доказите со кои, како што тврдат, се докажува невиноста на премиерот. Главниот адут на Заев е дека снимката што излезе во јавноста е сечена на три места и дека главниот дел, како што тврди тој го нема.

-Иван Николов е клиент на менувачница Пеон, каде што работи брат ми, и тука се разговара, ако се во евра парите што ќе прави, ќе ги смениш во менувачница и ќе ги однесеш ќе купиш, цемент, бетон, железо, тоа е твое право. Таму се зборува, колку милуваш ти пред господ, тоа е помеѓу тебе и господ, значи тие делови се скратени овде и буквално кога ќе го скратите така, ете како изгледа во јавноста. Но, сега и на судот и на јавниот обвинител му е јасно што всушност било целта да се постигне преку сечењето на оваа видео снимка и на тој начин презентирана во јавноста, изјави на деветти мај годинава премиерот Заев прашан што точно се гледа на целосната снимката за која судот процени дека ќе се гледа зад затворени врати без присуство на јавноста.

Претходно одбраната побара снимката да не биде доказ во постапката но судот утврди дека таа е законски направена со помош на ПИ-мерки и дека може да биде презентирана пред судот. Според Заев, „Поткуп“ е монтиран случај за, како што тврдеше тој пред судиите, да се спречи објавувањето на така наречените бомби од проектот на СДСМ „Вистината за Македонија“. Заев тоа го кажа уште на деветти март 2015 година на трибина во Универзалната сала во Скопје. Поради ова, премиерот, тогашен лидер на опозицијата Зоран Заев поднесе кривична пријава против Николов.

Според обвинението во случајот „Поткуп“, премиерот Зоран Заев додека бил градоначалник на Струмица од бинисменот Никола Николов Сачевалиев побарал поткуп за продажба на земјиште во струмичко. 160 000 евра од продажбата на земјиштето требало да завршат во џебот на Заев, неговиот брат Вице а дел од парите да одат за изградба на црквата Успение на Пресвета Богородица во Струмица.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top